„Дробилицата“ не дозволи изненадување против Партизан Гевгелија

Ракометарите на Македонија Ѓорче Петров ја запиша третата победа во новата сезона од прволигашката конкуренција, откако славеше дома над Партизан Гевгелија со 35-28.

Ова е трет триумф за ѓорчевци, а прв на домашен терен, откако претходно беа шокирани дома од Текстилец.

Гостите пружија солиден отпор, особено во првиот дел, кога беше само 17-16 за „дробилицата“, а на стартот на второто полувреме беше и 18-18.

Но гевгеличани тогаш попуштија во темпото, домашните знаеја како да го казнат тоа и со пет гола по ред на Нацев и Петров практично го решија победникот.

До крајот веќе немаше многу возбудувања и избраниците на Оливер Димитриоски одработија рутински за нови два бода.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Бучуковски и Нацев со по седум гола, а кај Партизан Гевгелија се истакна Милан Савов со исто толку.