Македонски тренер тепал малолетник на турнир во Унгарија?!

Во период кога ракометот нема возбудувања на теренот, од Унгарија ни пристигна непријатна вест. Тренер на младинска екипа од Македонија физички нападнал малолетен ракометар, а родителот на тепаниот го пријавил случајот во полиција.  Mинистерството за внатрешни работи во својот дневен билтен објави за случајот кој дава негативно светло за ракометот и неговите едукатори.

Во текот на вчерашниот ден родител на еден ракометар во полициската станица Ѓорче Петров пријавил дека неговиот малолетен син бил физички нападнат од тренерот по ракомет додека престојувале на турнир во Унгарија.

„На 05.06.2023 во 18.20 часот во Полициската станица Ѓорче Петров, П.Р.(42) од Скопје пријавил дека на 02.06.2023 околу 15.00 часот во Унгарија, неговиот малолетен син бил физички нападнат од неговиот тренер по ракомет, В.К.“, објави МВР.

Единствена екипа од Македонија што во овој период гостуваше во Унгарија е пионерската екипа на Алкалоид, која за гостувањето и настапот на турнирот во Сегед објави и на официјалниот сајт.