Ѓорче Петров го совлада Бањик Мост со 22-18 и обезбеди четири гола предност пред реваншот во Чешка.
Тренерот Славиша Димитријески е задоволен од победата, но смета дека неговата екипа има голем простор за напредок, бидејќи не реализирала голем дел од она што било договорено пред натпреварот.
Македонскиот шампион до посакуваната предност стигна во завршницата, откако чешкиот состав долго време одолеваше, а во дел од натпреварот имаше и водство. Сепак, „лавиците“ одиграа најдобро кога беше најпотребно и со силен финиш обезбедија солидна залиха за гостувањето.
„Прво треба да се надеваме дека ќе ја поправиме нашата игра. Реално, денеска не бевме стопроцентно на нивото на задачата. Имаме шанси за пласман понатаму, но ќе видиме што ќе се случи. Секако дека се надеваме дека можеме да ја завршиме работата и на реваншот“, изјави Димитријески.
Бањик Мост се претстави како компактна и добро воиграна екипа, што според тренерот на Ѓорче Петров е резултат на малиот број промени во играчкиот состав.
„Ова е екипа која, за разлика од нас, направи помалку промени во ростерот. Ние имаме прилично нов состав и очигледно ни е потребно уште време за целосно да се воиграме. Што ми дава надеж? Надеж ми дава тоа што некои работи кои ги договоривме пред натпреварот не ги реализиравме. Верувам дека токму тие работи можат да бидат нашите џокери на гостувањето.“
Ниту една од двете екипи не настапи комплетна во првиот натпревар. Ѓорче Петров беше без две ракометарки, додека во составот на Бањик Мост недостигаше опасниот лев бек.
„Тие не беа комплетни, како што не бевме ниту ние, бидејќи нам ни недостигаа две ракометарки. Кај нив не настапи левиот бек, кој е интересен играч и е многу брз на нозе. Уште еднаш ќе кажам, ние подготвувавме одредени работи, нешто успеавме да одиграме, но голем дел не реализиравме.“
Димитријески смета дека европската трема влијаела врз поголем дел од неговите ракометарки и очекува тие да бидат порелаксирани во реваншот во Чешка.
„Се надевам дека по тремата што ја почувствувавме на домашен терен, порелаксирано ќе влеземе во гостувањето. Можеби тоа не важи за целиот тим, но мислам дека влијаеше врз поголем процент од ракометарките. Барем таков е мојот впечаток за периодот во кој работам со нив и колку што досега успеав да ги запознаам“, заврши Димитријески.
▶▶▶ Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet
Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон 📲.
Со еден клик до сите вести. 🤾
























