Лук Абало за првпат ќе биде тренер!

Јапонскиот Зикстар Токио направи голема промена на тренерската позиција пред почетокот на сезоната 2026/27. Клубот го назначи Лук Абало за нов тренер, со што француската ракометна легенда за првпат ќе се испроба во тренерските води.

Абало досега беше советник на тимот, а сега ќе ја преземе целосната одговорност за екипата со јасна амбиција – освојување на шампионската титула на Јапонија.

Поранешниот француски репрезентативец зад себе има една од најимпресивните кариери во ракометот. Со Франција освои дури три олимписки злата, три светски и три европски титули, додека во клупската кариера се искачи и на европскиот врв со Сиудад Реал, со кој ја освои Лигата на шампионите во 2009 година.

Абало настапуваше и за ПСЖ и Елверум, а од 2021 до 2023 година беше дел и од Зикстар Токио. Сега, по завршувањето на блескавата играчка кариера, ќе добие нов предизвик – да се докаже како тренер.

Промена има и во стручниот штаб. Досегашниот тренер Хироки Шида ќе остане во клубот, но во нова улога – ќе биде помошник на Абало и директор за оперативни работи.

Така, една од најголемите легенди на францускиот и светскиот ракомет започнува ново поглавје – овојпат од клупата, со цел Зикстар Токио да го донесе до шампионската титула.