Новиот суперлигаш Алкалоид е последниот патник на Ф4 во Купот на Македонија по убедливиот триумф над Вардар Неготино од 36:23 во четвртфиналето од третата група.
Екипата на Вардар Неготино во првото полувреме беше повеќе од рамноправен противник и успешно се справуваше со амбициозниот тим на Алкалоид, кој немаше решение за десниот бек Лазар Адамовиќ. Токму српскиот интернационалец беше најзаслужен за големиот отпор на Вардар Неготино во првиот дел.
Алкалоид во текот на првите 30 минути водеше со еден до два гола разлика, но при секој негов обид да дојде до поголема предност, тимот на Вардар Неготино успеваше да го израмни резултатот.
Дури во девет наврати во првото полувреме гостите од Неготино го израмнуваа резултатот. По големата борба во првиот дел, избраниците на Лазаров на полувреме заминаа со минимална предност од 17:16.
Вардар Неготино во продолжението имаше „црна дупка“ од десет минути без постигнат гол и со неколку технички грешки, кои му овозможија на Алкалоид да направи серија од 5:0 и да поведе со 21:16.
Неготинци првиот гол во второто полувреме го постигнаа дури во 40 минута преку Кузманов и до крајот немаа сили да се надигруваат со подобриот ривал. Одбранбената зона на Алкалоид функционираше на одлично ниво за разлика од првиот дел и како одминуваше времето растеше предноста на тимот на Лазаров.
Најефикасен на средбата беше членот на Вардар Неготино, Лазар Адамовиќ со девет погодоци. Во тимот на Алкалоид се истакна Дамјан Митев со седум гола.
Куп на Македонија, мажи, осминафинале:
Група 1
Вардар – Охрид 38-30
Јуниор КВ – Скопје 26-28
финале, Вардар – Скопје 37:24
Група 2
Радовиш – Еурофарм Пелистер 2 17-32
Голден Арт – Пролет 25-26
Еурофарм Пелистер 2 – Пролет 26-30
Група 3
Бутел – Алкалоид 24-25
Вардар Неготино – Прилеп 29-28
финале, Алкалоид – Вардар Неготино 36:23
Група 4
Струга – Тиквеш 23-28
Куманово – Еурофарм Пелистер 21-33
Тиквеш – Еурофарм Пелистер 30-36