Ацев е херојот, Вардар Неготино ја доби драмата со Прилеп

Вардар Неготино го совлада Прилеп во драматичен натпревар од осминафиналето на Купот на Македонија со 29-28 и ќе оди на мегдан на Бутел или Алкалоид во борбата за завршниот турнир.

Неготинци водеа и со седум гола во вториот дел, но дозволија прилепчани да ги стигнат, па мораа да се спасуваат од реми во последниот напад. Мирчевски упати удар кон голот на Ацев во последните секунди, овој одбрани и тоа значеше победа за Вардар Неготино.

Почетокот беше според очекувањата. Се играше израмнето, и ниту една од екипите не водеше со повеќе од еден погодок разлика. Прилепчани, за кои не настапи тренерот Реваз Чантурија, паднаа во ритамот на првиот дел.

Тоа беше искористено од страна на неготинци. По водството на Прилеп од 7-6, следуваа три гола преку Пеовски и Адамовиќ за 9-7, а потоа уште една серија од четири погодоци и Вардар Неготино се одлепи на плус пет, 13-8.

На пауза се замина со предност на избраниците на Петар Ангелов, 16-10. Прилепчани имаа негатива и од седум голови во второто полувреме, но беа упорни и не се откажуваа од камбек во мечот.

Полека ја топеа предноста на неготинци и преку Бикоски успеаја да израмнат на 26-26. Потоа се постигнуваа погодоци на двете страни, а во последната минута се влезе со 28-28.

Најпрво Ташев му донесе водство на Вардар Неготино, а потоа прилепчани тргнаа во последниот напад за реми и продолженија. Чантурија викна тајм-аут, беше изработена акција, но шутот на Мирчевски заврши како плен на Ацев и Вардар Неготино триумфираше.

Најдобар стрелец во победничкиот тим беше Лазар Адамовиќ со 12 гола, од кои седум од пенал, а пет постигна Ѓорѓи Ташев. Кај Прилеп, Давор Шокоски даде шест гола, а Бојан Вренцоски стрелаше пет пати.

Вардар Неготино утре од 18:00 часот против победникот од дуелот меѓу Бутел Скопје и Алкалоид ќе се бори за место на завршниот турнир во Купот на Македонија.

Куп на Македонија, мажи, осминафинале:

Група 1
18/3, 17:00, Вардар – Охрид
18/3, 19:00, Јуниор КВ – Скопје
19/3, 17:00, финале

Група 2
Радовиш – Еурофарм Пелистер 2 17-32
Голден Арт – Пролет 26:25
18/3, 19:00, Еурофарм Пелистер 2 – Пролет

Група 3
18/3, 18:00, Бутел – Алкалоид
Вардар Неготино – Прилеп 29-28
19/3, 18:00, финале, Бутел/Алкалоид – Вардар Неготино

Група 4
Струга – Тиквеш 23-28
Куманово – Еурофарм Пелистер 21-33
18/3, 20:00, Тиквеш – Еурофарм Пелистер