Пролет останува во игра за Ф4, го доби дуелот со Голден Арт

Екипата на Пролет славеше победа против Голден Арт со 26:25 во првото полуфинале од втората група во Купот на Македонија и за место меѓу најдобрите четири екипи ќе се бори со подобриот од дуелот меѓу Еурофарм Пелистер 2 и Радовиш.

Ракометарите на Голден Арт имаа посакуван старт, поведоа со 4:1 во воведните пет минути и до крајот на полувремето одржуваа минимална  резултатска предност. Резултатот во првото полувреме во четири наврати беше нерешен (4:4, 6:6, 7:7, 8:8).

Избраниците на Глигоров во периодот од 20 минута, па сѐ до паузата, ја зацврстија одбраната, ја подобрија реализацијата и успеаја пред финишот да се одлепат на највисоките ,,плус три” 13:10. Пролет не успеа да направи повторно камбек, па така гостинот на полувреме замина со активен резултат од 15:12.

Вториот дел започна со голот на Додевски, кој намали на 15:13. Следуваше период, во кој гостинскиот тим успеа да одржи дистанца, но во 38 минута при водство на Голден Арт од 17:15, тимот на Пролет со два гола во низа дојде до израмнување на резултатот, 17:17.

Наредниот период мина во израмнета игра и по нерешениот резултат од 21:21, избраниците на Лембанов успеаја да го преземат водството во свои раце и со серија од 3:0 поведоа со 24:21. Голден Арт влезе во криза и речиси осум минути беше без постигнат гол во мрежата на ривалот.

Пролет во последните десет минути влезе со предност од 25:22, но победата не му беше загарантирана, бидејќи тимот на Глигоров не се предаваше и на пет минути пред финишот намали на 25:24. Палевски со својот втор гол ја прекина серијата на Голден Арт и зголеми на 26:24.

Голден Арт во желбата да се врати во игра погреши во клучните моменти, не реализираше во три напади по ред и веќе на триесетина секунда пред крајот кога Пролет имаше залиха од плус два, 26:24, беше познат победникот од овој дуел.

Најефикасен во победничката екипа беше Томислав Димковски со шест погодоци, додека кај Голден Арт се истакна Дејан Гошевски со ист број на реализации.

Финалето од втората група е закажано за утре, со почеток од 19:00 часот во спортската сала „Македонско Сонце“.

Куп на Македонија, мажи, осминафинале:

Група 1
18/3, 17:00, Вардар – Охрид
18/3, 19:00, Јуниор КВ – Скопје
19/3, 17:00, финале

Група 2
18/3, 13:00, Радовиш – Еурофарм Пелистер 2
17/3, 18:30, Голден Арт – Пролет 26:25
18/3, 19:00, финале Радовиш/ Еурофарм Пелистер 2 – Пролет

Група 3
18/3, 18:00, Бутел – Алкалоид
18/3, 15:00, Вардар Неготино – Прилеп
19/3, 18:00, финале

Група 4
18/3, 14:30, Струга – Тиквеш
18/3, 12:30, Куманово – Еурофарм Пелистер
18/3, 20:00, финале