СЕДМЕРЕЦ: Плукни му се на спортот кога на пораз викаш – добро е!

Дали е постигната целта? И за тие што играат и за тие што не играат прашувам...

1.Не се посрамивме, не се ни прославивме

Македонија помина со два порази, резултатски не толку катастрофални и помалку или повеќе – очекувани, во двата дуели со Португалија на средината од квалификациите за ЕП 2024.

Не се прославивме со некој херојски подвиг, не се посрамивме со некоја двоцифрена катастрофа. По некој индивидуален блесок, добра голманска одбрана, убав погодок, десетина минути позитива, па 12 минути без гол, дупки во одбраната, збунка во напад, почетнички грешки и лесно загубени топки. Додуша, што е за право, и Португалија повеќе рутински си заврши работа за лидерска позиција, доволно за сигурна победа без да троши премногу енергија. А ние задоволни со поразите, оти тоа е реалноста со ептен младата репрезентација со просек од нешто над 26 години.  Искуството е друга тема.

Онака чисто за споредба, Грција во победата против Белгија што речиси извесно и носи пласман на ЕП, ја предводеше 18-годишник, Ахилеас Тоскас. Десен бек е и игра во Драма, не во ПСЖ. За Грција правиме муабет, не за Франција или за Германија, па ни за Исланд. Да ни биде појасно кога младоста ја едначиме со грешките и поразите.

Добро е! Поминавме на редот, со некоја очекувана нула, со оглед на можностите, околностите, инаетите и суетите, историското подмладување иако младите се веќе на 26-27 години, а и оние најмладите ситнат 20-ка, дисциплинирањата, откажувањата…Треба да бидеме задоволни и трпеливи. Успех преку ноќ не се постигнува. Неуспехот пак е релативна категорија, зависи од кој агол гледаш.

Постигната ли е целта? Прашувам и за тие што играа и за тие што не играа и за тие што одлучуваа.

Дали се сега сите задоволни и среќни? Освен публиката се разбира…Дали се мирни оние на трибини? Дали конечно се ослободија и се докажаа оние што уживаат привилегија во националната репрезентација, без да бидат влечени за дресот? Зошто капитенот два пати „немаше ден“ против противникот кој тој најдобро го познава? Задоволен ли е селекторот од играта на своите избраници, па само така од мерак им вика на оние на клупата? До кога националната репрезентација ќе биде поле за пресметка и место за подобните не за најдобрите? До кога ќе собираме искуство, наместо резултати?

Кога ќе дојдеш во ситуација да бидеш задоволен со пораз и да викаш „добро е…“, тогаш плукни му се на спортот!

2.Горе високо, долу длабоко

За најуспешната македонска репрезентација во мартовскиот квалификациски циклус продолжи една лоша, инфериорна серија во дуелите со европските селекции годинава и заврши една добра супериорна серија на домашен терен. Поразот од Португалија во четвртокот беше прв за машката репрезентација на Македонија на домашен терен во последните осум години, од оној последниот во април 2015 од Франција.

Битно или небитно,  и тоа ќе остане „забележано“ во тренерското си-ви на Кире Лазаров како и пласманот во Полска, колку и да е најдобриот македонски ракометар на сите времиња сега во неблагодарна селекторска улога кога горе е високо, а долу длабоко.

Кога доцни извештајот за мундијалското фијаско, пак се држиме за континуитетот како за сламка на спас. Не дека е тоа лесно и небитно. Напротив. За македонската репрезентација битно е и тоа како да остане на голема сцена. Гледаме сезонава што значи и кога клупски те нема таму.

Но, погрешно е кога тоа ќе стане крајна цел и домет. И најголем успех поткрепен со алиби анализи за квантитетот и квалитетот на играчите, на лигата, на салите, на наталитетот и на менталитетот, на бројот на сончеви денови и на дупки на улиците…

3.Што значат двата порази?

Секое „битно учествуваме“ првенство додека со години „воигруваме нова генерација“,  и секој пораз на репрезентацијата е чекор назад. Тоа треба да ни биде јасно и во најавите и во отчетите по настапите. Впрочем, ланските три порази на ЕП 2022 не вратија во претквалификации за СП 2023. Па после беше успех што сме поминале две рунди како божем некој друг таму да не ставил! Ништо добро во перспектива не ни носи ни дебаклот на јануарското СП.

Двата порази од Португалија пак, дефинитивно значат загубена битка за првото место во групата и за „подобар шешир“ во ждрепката за ЕП 2024. За среќа не се елиминаторни, или не би требало да бидат, бидејќи Македонија со една нога е веќе на ЕП, по двете стартни победи против Турција и Луксембург и со двата преостанати натпревари со истите противници во кои теоретски сме фаворити, па по таа логика и рачунаме уште две победи и обезбеден пласман на наредното европско.

Но, за да биде тоа така, до април ќе треба добро да се испеглаат и играта и односите и приватните и општествените работи во националниот тим.

Оти тогаш веќе пораз не поминува. Се освен победа ќе значи и крај на приказната.