Скопје со супер старт ја започна битката за опстанок

Ракометарите на Скопје во првото коло од плеј-аут фазата во Супер лигата остварија убедлива победа против екипата на Струга, со резултат 38:32. Скопје, кој борбата за опстанок ја започна со два бода, сега на свое конто има пет бода.

По израмнетиот почеток, односно нерешените 2:2, избраниците на Горан Кузманоски направија голем исчекор во дуелот со гостинот од Струга, поведоа со 4:2 и во следниот период реализираа во речиси секој напад. Откако беше 4:3, домаќините со серија од 5:0 се одлепија на 9:3 во 10 минута. Ракометарите на Ферукоски кон средината на првиот дел започнаа да фаќат ритам и да излегуваат од кризата.

Скопје не успеа да го задржи ритамот од воведниот дел, па така Струга со расположениот Маркоски го врати натпреварот во егал. По водството на Скопје од 10:5, гостите со серија од 4:0 намалија на само еден гол негатива, 10:9.

И двете екипи имаа осилаци во играта и сѐ почесто правеа грешки. По 20 минути игра резултатот беше 11:10 за ракометарите на Кузманоски. Иако Скопје беше чекор пред гостинот и одржуваше дистанца од еден до два гола разлика, сепак, тимот на Струга не се предаваше.

Во последните десет минути продолжи играта гол за гол, составот на Скопје имаше контрола на резултатот, додека Струга беше екипата која бркаше негатива од два гола. Домашниот тим беше повеќе пофокусиран во финишот од првиот дел и на пауза замина со активен резултат од 18:15.

Домаќините за само пет минути во второто полувреме го решија натпреварот, откако започнаа да градат сериозна предност и во 40 минута имаа сигурно водство од ,,плус осум” 27:19. Митиќ беше незадржлив во моментите кога домаќините беа во силен налет, а на спротивната страна беа целосно запрени бековите на Струга.

Веќе при резултат од 29:21 беше јасно како ќе се одвиваат работите во последниот дел од средбата. Струга се обидуваше да ја преполови негативата и да се избори за поблаг пораз, но големиот број на грешки и нереализираните напади беа причина за денешниот пораз.

Најефикасни во победничката екипа беа Леонид Киселовски со седум и Жарко Барјактаревиќ со шест погодоци, а солиден на голот беше Никола Радовановиќ. Кај гостите се истакнаа Петар Маркоски со девет погодоци и Петар Бугариновиќ со седум реализации.