Како што соопшти 24Ракомет, младинскиот репрезентативец на Црна Гора, Богдан Мијушковиќ е најновото засилувањето во екипата на Еурофарм Пелистер 2.
Црногорецот денес официјално беше претставен во дресот на вториот тим на „фармацевтите”. Станува збор за ракометар, кој што може да игра на позициите лев и среден бек.
Еурофарм Пелистер 2 за Мијушковиќ ќе биде втор интернационален предизвик, откако младиот ракометар неколку сезони го носеше дресот на Добова од Словенија, екипа со која настапуваше во најквалитетното словенечко натпреварување.
Новиот член на Еурофарм Пелистер 2 во својата кариера има настапувано и за црногорскиот клуб Морнар и ги има минато сите младински категории во црногорската репрезентација.
„Доаѓам од Црна Гора, од градот Бар. Настапував за Добова од Словенија, а тука во Битола дојдов на полусезона. Супер ми е тука, момците одлично ме прифатија, тренинзите се супер, тренерот и лигата се супер исто така. Мене ми преостанува да напредувам. Имаме млада екипа, мора да напредуваме, играме плеј-оф и едвај чекам да заиграм“ вели Мијушковиќ.
Во екипата на Добова настапуваше со старо-новиот колега, десниот бек Мерис Бошњак, кој во текот на месец ноември минатата година ги засили редовите на тимот на Јовиќ.
Ракометарите на Еурофарм Пелистер 2 обезбедија пласман во плеј-оф фазата. Избаниците на Јовиќ првиот дуел во вториот дел од сезоната ќе го одиграат утре, а ривал ќе биде амбициозниот тим на Охрид.