Ракометната федерација на Полска соопшти дека Бартош Јурецки е алтернативна замена, односно преодно решение на селекторската функција во машката сениорска репрезентација, откако пред неколку дена беше прекината соработката со Патрик Ромбел.
Јурецки ќе ја предводи Полска во квалификациите против Франција, кои ќе се одиграат во текот на месец март. Полска во квалификациите за пласман на Европското првенство 2024 за еден од ривалите го има и актуелниот олимписки шампион.
За Јурецки тоа ќе биде прв голем предизвик во својата тренерска кариера. Екс репрезентативецот на Полска од 2020 година работи како асистент во машката репрезентација.
Во текот на неговата репрезентативна кариера освои три медали на Мундијалите. Јурецки најголемиот успех го постигна на Светското првенство во 2007 кога со репрезентацијата на Полска го освои сребрениот медал.
Со полската селекција е уште и носител на две бронзи од Мундијалите во Хрватска (2009) и Катар (2015).