ПРВА ЛИГА: Текстилец единствен со максимален ефект, пет екипи во тесна трка зад лидерот

Третото коло во машката Прва лига донесе 445 погодоци, едно реми и неколку убедливи победи. Текстилец остана единствениот тим со максимални шест бода, додека Драчево Јуниор, Вардар Неготино и Преспа ги прославија првите сезонски триумфи.

Штипјани ја продолжија победничката серија, Вардар Неготино постигна дури 50 гола, а најдраматично беше на дуелот меѓу Пролет и Радовиш, кој беше решен со погодок од седмерец во последните секунди.

Текстилец не запира – три од три за штипјани

Текстилец ја потврди одличната форма и пред својата публика го совлада Партизан Гевгелија со 43-31. Гостите поведоа со 5-4, но следуваше серија на штипјани за пресврт и предност од 9-5.

На полувремето беше 21-16, а Партизан во вториот дел успеа да се доближи на 27-25. Сепак, домашниот состав одговори со фуриозна завршница и со серија од 16-6 стигна до третата победа.

Кирил Миленков постигна осум гола, додека Филип Џинес и Лазар Стојанов дадоа по седум. Кај гостите Димитар Атанасов беше стрелец на осум, Илија Пејковски на седум, а Стојан Наумовски на шест погодоци.

Вардар Неготино испорача „педесетка“

Вардар Неготино ја запиша првата сезонска победа откако во Македонска Каменица го декласира Сокол Саса со 50-29.

Неготинци уште во првото полувреме го решија прашањето околу победникот и на паузата имаа убедливи 28-15. Во продолжението предноста постојано растеше, а гостите ја минаа и границата од 50 погодоци.

Костадин Петров беше предводник на победникот со 14 реализации, Мартин Димов постигна девет, додека Ѓорѓи Орешков и Јован Атанасовски дадоа по шест. Неверојатна партија во поразениот состав одигра Мирче Георгиев, кој постигна дури 18 гола, а Илија Ѓеорѓиевски додаде шест.

Андоновски повторно херој на Пролет

Најголемата драма беше видена на пресметката меѓу Пролет и Радовиш, која заврши без победник, 29-29.

По израмнетото прво полувреме, 15-15, Радовиш одигра подобро во продолжението и поведе со 25-20. Пролет не се предаде и постепено ја стопи негативата, но Филип Костадинов повторно им донесе водство на гостите од 29-28.

Во последните секунди Ристе Атанасов заработи црвен картон, а Пролет доби седмерец. Одговорноста ја презеде Ласко Андоновски и со погодок во 60. минута му донесе бод на својот тим.

Јован Соколоски постигна седум, а Јован Фичорски шест гола за Пролет. Кај Радовиш блескаше Васе Петров со десет погодоци, Стојанче Ристов постигна седум, а Костадинов пет.

Преспа конечно се израдува

По двата стартни порази, Преспа 2025 стигна до првата победа, совладувајќи го Шампион со 30-17.

Ресенчани го отворија натпреварот со серија од 4-0, а на полувремето имаа предност од 13-7. На седум минути до крајот беше 24-17, по што Преспа постигна шест неодговорени гола и го направи триумфот уште поубедлив.

Томче Трајчевски беше најефикасен со шест погодоци, Иван Костовски постигна пет, а Благоја Јончевски и Драган Ивановски по четири. Кај Шампион се истакна Филип Спирковски со пет гола.

Драчево Јуниор за едно полувреме го реши Овче Поле

Драчево Јуниор по двете ремија во воведните кола ја запиша првата победа, откако го совлада Овче Поле со 33-25.

Гостите парираа во почетниот период и стигнаа до 7-7, но потоа домашниот состав ја презеде контролата. Драчево на паузата замина со убедливи 19-11, па второто полувреме беше само рутинско одработување на задачата.

Стефан Крстевски постигна пет гола, додека Давид Младеновски, Томче Пецаковски, Виктор Панчевски и Филип Фидановски дадоа по четири. Кај Овче Поле најефикасни беа Филип Петровски со шест и Кирил Буровски со пет реализации.

„Лавовите“ експресно се вратија на победничките патеки

Македонија Ѓорче Петров брзо го заборави домашниот пораз од Текстилец и убедливо славеше на гостувањето кај Јехона со 35-23.

Гостите поведоа со 4-1, а до 20. минута ја зголемија предноста на 11-3. На полувремето беше 17-7 и уште тогаш беше јасно дека бодовите ќе заминат за Скопје.

Мартин Бучуковски го предводеше победничкиот тим со 11 гола, Стефан Нацев постигна седум, а Бобан Петров четири. За Јехона, Јовица Костоски даде шест, а Мојсе Тасески четири погодоци.

Аеродром го скрши отпорот на Илинден во вториот дел

Аеродром ја запиша втората победа, совладувајќи го Илинден со 40-31. Гостите одиграа одлично во поголемиот дел од првото полувреме и поведоа со 16-12, но Аеродром со серија од 6-1 замина на пауза со минимални 18-17.

Илинден се држеше до средината на второто полувреме, кога резултатот беше 26-25. Потоа домашниот состав го засили темпото и со серија од 14-6 ја обезбеди победата.

Бојан Божиновски одигра извонреден натпревар и постигна 13 гола, Михаил Митаноски даде девет, а Виктор Саров шест. Кај Илинден најефикасни беа Антонио Наковски со осум и Петар Цветковски со шест погодоци.

Прва лига, резултати, 3. коло:

Текстилец – Партизан Гевгелија 43-31 (21-16)
Сокол Саса – Вардар Неготино 29-50 (15-28)
Аеродром – Илинден 40-31 (18-17)
Јехона – Македонија Ѓорче Петров 23-35 (7-17)
Драчево Јуниор – Овче Поле 33-25 (19-11)
Преспа – Шампион 30-17 (13-7)
Пролет – Радовиш 29-29 (15-15)

▶▶▶  Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон
Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet . Со еден клик до сите вести.