ПИОНЕРИ: Доаѓа новата генерација – Охрид и Струга со победнички старт, Феникс и Либра испишаа историја!

Момчињата родени во 2012 година и помладите за првпат зачекорија во официјалниот натпреварувачки систем на РФМ. Во првото коло од двете групи беа одиграни девет натпревари.

Со 19 пријавени екипи, пионерската машка лига носи и две целосно нови ракометни приказни. Феникс од Радовиш и Либра од Валандово ги одиграа првите официјални натпревари во клупската историја.

Иако двата дебитанти не успеаја да освојат бодови, резултатот во оваа категорија е само еден дел од приказната. Многу поважно е што нови средини и нови деца добиваат можност да тренираат, да се натпреваруваат и да го направат првиот чекор во ракометот.

ГРУПА А

„Двојката“ доминираше во битолскиот двобој

Најубедливата победа во групата ја забележа Еурофарм Пелистер 2, кој во братскиот двобој го совлада Еурофарм Пелистер со 30-17.

Победничкиот состав го отвори натпреварот со серија од 6-0, а на полувремето имаше високи 18-5. Во вториот дел немаше дилеми околу победникот.

Петар Велевски и Петар Ицков постигнаа по четири гола, додека Един Алилоски, Новак Вељановски, Горазд Бичевски и Јован Рунтевски дадоа по три. Кај поразениот тим Лука Ташков беше стрелец на седум погодоци.

Сиљаноски со 15 гола го предводеше Охрид

Најинтересниот натпревар во Групата А го одиграа Охрид и Прилеп, а домаќините славеа со 24-20.

Охриѓани отворија со 5-0, но Прилеп возврати и израмни на 7-7. На паузата беше 12-10, а неизвесноста продолжи и во второто полувреме. Прилеп стигна до 18-18, по што домаќините направија серија од 5-1 и го решија победникот.

Горазд Сиљаноски одигра фантастичен натпревар и постигна дури 15 од 24 гола на Охрид. Јован Шикалески додаде пет, а Михаил Вероновски три. Кај Прилеп најефикасни беа Илија Стојаноски со осум и Борјан Јовановски со седум гола.

Домазетоски незапирлив за Пролет

Струга ги освои бодовите на гостувањето кај Пролет со победа од 26-20.

Гостите имаа минимални 12-10 по првите 20 минути, а Пролет на почетокот од вториот дел се доближи на 12-13. Следуваше серија од пет погодоци на Струга за 18-12, со што беше направен решавачкиот чекор кон победата.

Борјан Домазетоски постигна 11 гола, а Тино Бебекоски додаде пет. Во составот на Пролет се истакнаа Филип Коцев со седум и Марин Стојаноски со шест реализации.

„Лавовите“ го скршија отпорот на Тиквеш

Македонија Ѓорче Петров триумфално ја започна сезоната, откако славеше на гостувањето кај Тиквеш со 22-14.

Кавадарчани долго време беа рамноправен противник. На полувремето беше 12-10 за гостите, а на десет минути до крајот резултатот беше 16-13. Во завршницата „лавовите“ заиграа подобро и со серија од 6-1 стигнаа до убедлива победа.

Владимир Иванов постигна девет, а Димитар Трајковски осум гола за победничкиот тим. Кај Тиквеш по четири реализации имаа Христијан Ристов и Стефан Ѓорѓиев, додека Никола Јанчев постигна три.

ГРУПА Б

Илинден Вардар убедлив против Вардар

Илинден Вардар го доби скопскиот двобој против Вардар со убедливи 35-21. Натпреварот беше израмнет до 4-4, по што Илинден Вардар ја презеде контролата и почна брзо да се одвојува. Најефикасен беше Леонид Коцишки со 13 гола, додека Лука Маџовски постигна седум. Андреј Илиевски и Андреј Кирков завршија со по четири реализации.

Во составот на Вардар, Александар Арџановски, Војдан Ѓорѓиевски и Кристијан Јовановски постигнаа по четири гола.

Шампионот започна со победа

Актуелниот пионерски шампион, сино-белите од Автокоманда, ја започна одбраната на титулата со победа од 20-11 на гостувањето кај МРК Куманово.

Гостите го отворија натпреварот со неверојатна серија од 10-0, а Куманово го постигна првиот погодок дури по речиси 13 минути игра. На паузата беше 10-4, додека во вториот дел домаќините пружија многу посилен отпор.

Марко Димитриевски постигна осум гола, Калин Краљевски пет, а Борјан Китановски три за победничкиот тим. Кај Куманово, Петар Попов реализираше осум од вкупно 11 погодоци.

Гемиџии со тимска победа во Автокоманда

Гемиџии славеа на гостувањето кај Мулти Есенс со 26-20. Тимот од Велес одлично го отвори натпреварот и поведе со 11-3, а на полувремето имаше предност од 13-6. Мулти Есенс се обиде да се врати во продолжението, но гостите ја сочуваа сигурната разлика.

Димитар Ризов, Горјан Зафиров и Бојан Мартинов постигнаа по пет гола, додека Андреј Јакимовски додаде четири. Кај Мулти Есенс најефикасни беа Војдан Зенговски со шест и Никола Мирчевски со пет погодоци.

Либра го одигра првиот официјален натпревар

Новиот клуб Либра од Валандово го имаше своето историско деби во системот на РФМ. Прв противник беше Радовиш, кој славеше со 19-8.

Радовиш поведе со 3-0, а на полувремето имаше предност од 9-3. Јован Божиков постигна пет, Дамјан Николовски четири, а Никола Вергов и Димитар Лефков по три гола.

За Либра погодија само двајца ракометари. Никола Узунов постигна шест, а Атанас Тунгелов два гола.

Историски ден и за Феникс

Својот прв официјален натпревар го одигра и новоформираниот Феникс од Радовиш. Дебито беше пред домашната публика, а Младост 1977 од Богданци славеше со 23-7.

Гостите поведоа со 10-0, додека Феникс го постигна историскиот прв погодок во 15. минута. На паузата беше 13-2 за Младост.

Антонио Каракабаков и Матеј Митев постигнаа по шест гола, а Александар Марков четири. Стојан Концалов со четири реализации беше најефикасен во првиот официјален настап на Феникс.

Пионери, 1 коло, резултати:

група А
Еурофарм Пелистер – Еурофарм Пелистер 2 17-30
Охрид – Прилеп 24-20
Пролет – Струга 20-26
Тиквеш – Македонија Ѓорче Петров 14-22

група Б
Вардар – Илинден Вардар 21-35
Мулти Есенс – Гемиџии 20-26
Либра – Радовиш 8-19
Феникс – Младост 1977 7-23
Куманово – Алкалоид 11-20

▶▶▶  Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон
Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet . Со еден клик до сите вести.