ПСЖ продолжува да го гради тимот за иднината, а најновото големо засилување ќе биде германскиот репрезентативец Јури Кнор.
Францускиот гигант официјално потврди дека 26-годишниот среден бек ќе му се приклучи на клубот од сезоната 2027/28, а договорот ќе биде со важност до 2030 година.
Кнор важи за еден од најталентираните плејмејкери од својата генерација. Ракометниот развој го започна во Германија, а потоа беше дел и од Барселона, пред да се врати во Бундес лигата, каде настапуваше за Минден и Рајн Некар Левен, а сега е дел од данскиот Алборг.
ПСЖ во Кнор гледа играч кој треба да донесе креативност, визија и лидерски квалитети во тимот. Неговата способност да го контролира темпото на играта и да креира шанси за соиграчите го направи една од најбараните германски ракометни ѕвезди.
„Многу сме задоволни што го пречекуваме Јури во ПСЖ. Во последните сезони се етаблираше како еден од најдобрите средни бекови во Европа. Неговата визија, ефикасност пред голот и лидерство ќе бидат голем адут за нашиот тим“, изјави генералниот директор на ПСЖ, Тјери Омејер.
Кнор не го крие задоволството од трансферот во францускиот гигант.
„Приклучувањето во ПСЖ претставува важен чекор во мојата кариера. Тоа е престижен клуб, познат по амбициите и високите стандарди. Со нетрпение очекувам да ја запознаам новата средина, соиграчите и навивачите во Париз“, порача германскиот репрезентативец.
ПСЖ со Кнор добива уште едно големо име во проектот со кој сака да остане во европскиот ракометен врв и во наредните години. На клупата од следното лето ќе дојде Роберто Гарсија Парондо, а потпиша уште еден германски репрезентативец Ренарс Усчинс.

























