Мајчинството, приватниот живот и тешките одлуки што професионалните спортистки мора да ги донесат беа меѓу најважните теми на првиот Женски ракометен форум во Охрид.
Сузана Лазовиќ, Индира Кастратовиќ и Андреа Лекиќ отворено зборуваа за изборите, поддршката и проблемите со кои жените сè уште се соочуваат во професионалниот спорт.
Лазовиќ призна дека денес, од тренерска перспектива, поинаку гледа на одредени одлуки што ги носела во текот на својата играчка кариера.
„Искрено ќе одговорам. Моите цели беа јасно поставени и сакав да стигнам до Олимписките игри, но мислам дека во текот на кариерата не бев доволно дисциплинирана.
Денес, како тренер, ја гледам разликата. Сфаќам дека во тој период требаше да се откажам од одредени работи и во тие десетина години целосно да се посветам на кариерата. Не можев да имам време за сè.
Мислам дека Андреа и јас имавме донекаде сличен пат, со таа разлика што таа беше многу подисциплинирана и извлече многу повеќе од својата кариера. Сметам дека јас добив помалку, но научив од сопствените грешки.
Сега го продолжувам својот пат како тренер и се обидувам да ги поправам тие грешки, но и да им го покажам вистинскиот пат на помладите генерации“, истакна Лазовиќ.
Индира Кастратовиќ откри дека нејзината одлука да стане мајка била поврзана со специфичен период во кој нејзината екипа била суспендирана од европските натпреварувања.
„Мојот пример беше малку специфичен. Во 2000 година го игравме финалето од Лигата на шампионите против Хипо. Луѓето во Македонија веројатно се сеќаваат дека еден човек слезе од трибините и го удри Прокоп.
Поради тоа, како екипа бевме казнети една година да не настапуваме во Европа. За мене, на некој начин, тоа се покажа како позитивно.
Нашиот спонзор, господинот Трифун Костовски, ми рече: ‘А ти да родиш дете?’. Јас одговорив: ‘Супер’.
Во периодот на таа едногодишна пауза ја родив мојата прекрасна Сара. На крајот, казната ја искористив на позитивен начин“, раскажа Кастратовиќ.
Андреа Лекиќ испрати силен апел до клубовите, репрезентациите и националните федерации да им овозможат вистинска поддршка на ракометарките што сакаат да станат мајки во текот на кариерата. Таа откри дека сè уште постојат договори во кои на спортистките им се забранува да останат бремени.
„Сè е прашање на добар план. Што се однесува до децата, имам добар план. Единствениот проблем ми се појавува кога ќе отидам на семејна прослава, веселба или слава, па сите ќе ме прашаат: ‘А кога ќе имаш дете?’. Се шегувам, секако.
Ситуацијата секогаш е малку незгодна. Ретко се случува спортистка да ја прекине кариерата, да стане мајка и потоа да се врати. Но, сè зависи од поддршката и од системот во кој функционираме.
Кога системот би им ја давал вистинската поддршка на спортистките, почнувајќи од клубовите, а потоа и од репрезентациите и федерациите, сигурно многу повеќе девојки би се одлучиле на тој чекор.
Знаеме дека тоа е многу тешко. Имаме таков пример и се обидуваме да бидеме подобри. Имаме ракометарка која е мајка на мало бебе и навистина се трудиме да ѝ помогнеме и на неа и на бебето. Не би рекла дека само ѝ излегуваме во пресрет, бидејќи тоа не е вистинскиот израз. Ние треба да ѝ помогнеме.
Ако таа се чувствува подобро, тогаш и сите ние ќе бидеме подобри. Затоа апелирам до клубовите, репрезентациите и федерациите навистина да им помогнат на девојките што сакаат да се остварат како мајки во текот на кариерата.
Верувам дека мајчинството е најубавата работа на светот. Но, за жал, не можам да кажам дека таквата поддршка денес постои.
Многу ракометарки ги раскинуваат договорите со своите клубови кога ќе останат бремени. Многу девојки во своите договори имаат клаузули според кои немаат право да останат бремени. За мене, такво нешто во 21 век е скандалозно.
Тоа е една тажна слика што веќе долго време е присутна во женскиот спорт. Би било прекрасно кога конечно, за почеток, таа навидум мала, но толку важна реченица би била избришана од договорите.
Го испраќам овој апел и навистина се надевам дека еден ден тоа ќе се промени“, порача Лекиќ.
























