ЕХФ ја шири „младинската Лига на шампиони“ – има место и за Македонија?

Европската ракометна федерација направи голем чекор во развојот на клупскиот ракомет кај младите. Од 2027 година машкиот „EHF Youth Club Trophy“ ќе брои 24 екипи и по бројот на учесници ќе го следи новиот формат на сениорската Лига на шампиони. Најдобрите четири повторно ќе играат завршен турнир за време на Ф4 во Келн.

ЕХФ практично продолжува да гради своја „младинска Лига на шампиони“. Извршниот комитет на Европската ракометна федерација на состанокот во Букурешт го одобри новиот систем на натпреварување за машкото ЕХФ младинско клупско натпреварување, кое од следното издание ќе биде проширен од 16 на 24 екипи.

Новата бројка не е случајна. ЕХФ директно наведува дека младинското натпреварување со 24 учесници ќе го следи проширениот формат на машката Лига на шампиони, која од оваа сезона исто така брои 24 клуба.

Четири турнири со по шест екипи
Според одлуката од Букурешт, 24-те екипи ќе бидат поделени на четири квалификациски турнири со по шест учесници. Турнирите ќе се играат напролет во 2027 година, а победникот од секој од четирите турнири ќе обезбеди место на завршницата. Финалниот турнир повторно ќе биде организиран паралелно со машкиот Ф4 на Лигата на шампиони во Келн.

Така, четирите најдобри младински екипи ќе ја добијат можноста својата сезона да ја завршат на истата сцена на која европската титула ќе ја решаваат и најдобрите сениорски клубови. ЕХФ сè уште не ги објави деталниот систем на квалификациските турнири, ниту списокот на 24 учесници.

И Вардар во комбинација?
Токму тука одлуката е особено интересна и од македонски аспект. Сениорскиот тим на Вардар е еден од 24-те учесници во Лигата на шампионите во сезоната 2026/27, а ЕХФ најави дека новото натпреварување со 24 екипи ќе го „пресликува“ проширениот број на учесници во елитното сениорско натпреварување.

Сепак, во одлуката од Букурешт не е прецизирано дека автоматски ќе настапуваат младинските екипи на сите 24 клуба од Лигата на шампиони, ниту е објавена листа на учесници. Затоа засега не може да се потврди дека младинците на Вардар сигурно ќе бидат дел од натпреварувањето. Но, со оглед дека дека ова се поврзува со сениорските екипи, повеќе од сигурно е дека и Вардар ќе добие покана, да игра во квалификациите.

Доколку ЕХФ го задржи моделот на силна поврзаност со клубовите од Лигата на шампиони, за македонскиот младински ракомет тоа би била исклучително интересна можност.

Пелистер веќе го почувствува ова натпреварување
Македонија веќе имаше свој претставник во Келн. Во изданието за 2025 година меѓу 16-те екипи беше Еурофарм Пелистер, играше на завршниот турнир, а годинава настапи на квалификацискиот турнир во Пореч.

Досегашните две машки изданија беа организирани за екипи до 18 години, а во 2026 година учествуваа 16 клуба поделени во четири квалификациски турнири.

Натпреварувањето почна во 2025 година со 16 клубови, продолжи во 2026, а само две години подоцна веќе се проширува на 24 екипи.

▶▶▶  Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон
Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet . Со еден клик до сите вести.