Уште една селекторска смена по СП

Ракометната федерација на Полска соопшти дека нема да биде продолжен договорот со актуелниот селектор Патрик Ромбел, кој ќе ја напушти селекторската функција кон крајот на месец март.

Ваквата одлука доаѓа откако на неодамнешното Светско првенство, на кое Полска беше еден од домаќините, Ромбел и неговите избраници не успеаја да направат забележителен резултат и завршија на 15. позиција.

,,По детална анализа на резултатите и консултација со управниот одбор на федерацијата решивме договорот со селекторот да не биде продолжен. И јас и одборот ја цениме работата и напорите на Патрик Ромбел во создавањето на нов силен тим. Сепак, во спортот резултатот е секогаш на прво место, што не можеше да се постигне на Мундијалот. Му благодарам на Патрик Ромбел за соработката“, изјави првиот човек на полската ракометна федерација Хенри Шчепански.

Ромбел во текот на 2019 година ја презеде селекторската функција во машката сениорска репрезентација на Полска.

,,Благодарен сум на претседателот и на ракометниот сојуз за довербата и можноста да работам со репрезентацијата. За мене тоа беше голема чест. Како тренер мислам дека се уште не сум го кажал последниот збор и подготвен сум за нови предизвици, изјави Ромбел.

Пред извесен период од селекторската функција во Хрватска беше сменет Хрвоје Хорват, додека за време на Мундијалот во Полска и Шведска оставка поднесе довчерашниот селектор на Црна Гора, Зоран Рогановиќ.