ИНТЕРВЈУ Страхиња Милиќ: Вардар ми e во срцето – сам сум виновен за сè!

Страхиња Милиќ мина шест сезони во Вардар, растеше заедно со тимот, го испрати Михајловски и го пречека Самсоненко, седна на кровот на Европа со златната „црвено-црна“ генерација и кога дојде моментот да биде главната ѕвезда меѓу диреците на европскиот првак неславно замина од Скопје – поради премногу килограми. Планираниот одмор од шест месеци се претвори во апстиненција од две години. Сега му се враќа на ракометот...

Наместо да биде прва ѕвезда на голот на новопечениот европски првак Вардар во 2018 година, само три месеци по освојувањето на титулата во Лигата на шампионите во Келн, Страхиња Милиќ или популарниот Џамбо си ги спакува куферите и си замина од Скопје. Инаетот за килограмите, кој српскиот голман го водеше со тогашниот стратег Раул Гонзалез се одрази на, за него, најлош можен начин – прекин на соработката. И така планираната пауза од шест месеци се претвора во апстиненција од веќе две години…

За две години се видовме со Џамбо само еднаш во четвртфиналниот реванш во Сегед лани кога ги бодреше вардарци на патот кон Келн, а потоа го видов и на спот за рап песна… Во меѓувреме Милиќ станал и бизнисмен, а кога го побарав за да го направиме ова интервју, поканата ја прифати со големо задоволство, па дури добивме и ексклузива – му се враќа на ракометот.

„Малку пред да се случи коронавирусот влегов во семејниот бизнис, водам фирма која работи со канцелариски материјал, ’Тимекс Графо’ во Белград. Се пронајдов во тоа, ми се допаѓа работата. Барам нови предизвици и сега сум како некој бизнисмен“, се шегува на своја сметка Страхиња Милиќ и продолжува „Пред три дена се видов со директорот на Партизан, Александар Благовиќ и зборувавме за моето враќање во ракометот. Веќе одработив и еден тренинг со екипата. Сакам да одам чекор по чекор, да видам дали ми се враќа таа желба за ракомет и страста, и паралелно да можам да го водам и бизнисот. Во зависност од сето тоа можеби во следните година дена ќе ме гледате во дресот на Партизан.“

Џамбо се чини дека е полн со планови и во секоја работа гледа и нова можност, па така и со музиката.

„Појавувањето на спот беше интересно искуство. Тоа се мои другари и на брат ми, Марко Мрена, музички продуцент и Девито, со кои сме добри пријатели и пробавме нешто на пријателска база. Можеби во блиска иднина ќе создадеме и некоја продукциска куќа… Секогаш сè е можно, никогаш не се знае…“

ПЛАНИРАВ ПАУЗА ОД ШЕСТ МЕСЕЦИ, ПОМИНАА ДВЕ ГОДИНИ

Една од комбинациите кои ги имаше Страхиња Милиќ беше да му се врати на ракометот минатата сезона, кога од Веселин Вујовиќ (кој му беше тренер и во Вардар) доби понуда да застане на голот на Железничар, но ја одби.

„Во тој момент да сакав да бранам ќе останев во Вардар… Комплексна е таа приказна. Искрено се гледав себе си шест месеци на некој одмор затоа што ми дојде мака од ракометот. Не дека јас сум постигнал не знам што, но секоја страст и емоција која ја имав за ракометот во тој момент беше загубена во мене и ми беше потребен некој одмор. Планирав да трае само шест месеци, но премина во две години. Сега се враќам во Партизан…. Понудата не ја прифатив затоа што немав желба во тој момент. Вујовиќ многу го почитувам. Јас дојдов во Вардар кога тој беше тренер, имам убаво искуство со него и иако разговаравме, реално морав да поработам на себе… Му кажав дека не ми е до ракомет во моментот, а и не сакав да се доведам во ситуација да се срамам себе си, а да го срамам и тој што ме вика да му помогнам. Во таа ситуација не чувствував дека можам да помогнам, а не сакав ниту да одмогнам.“

Фото: SEHA – Gazprom league

МОЈА ГРЕШКА Е НАЧИНОТ НА КОЈ ЗАМИНАВ ОД ВАРДАР

Не можев а да не го прашам дали заминувањето од Вардар го смета за негова најголема грешка во кариерата, а тој низ насмевка ми рече прашањето многу ми се допаѓа, потоа следеше искрен и зрел одговор во кој можеше да се насети колку му е криво што приказната има таков крај…

„Моја грешка е начинот на кој си заминав од Вардар. Ниту јас, ниту тие заслужија такво нешто. Така се случија работите. Направив некои глупави потези, но мислам дека мојата најголема грешка е што не си заминав од Вардар веднаш по освојувањето на Лигата на шампионите. Ако го направев тоа тогаш немаше да дојде до сево ова и најверојатно јас и натаму ќе бранев некаде сигурно.“

Преголемата тежина беше официјалната причина за заминување, се чини банална и несериозна, но тоа бил еден начин на кој Џамбо се обидувал да пркоси во моментот.

„Проблемите траеја долго пред килажата, килограмите дојдоа во еден таков момент. Јас водев инат, сите работи земаа замав, а потоа немав ниту волја, ниту желба да се ставам во ред, не прифатив да ослабам и се разделив со клубот… Килограмите пресудија, најголемата тежина што сум ја имал беа 216 килограми, но имаше тука и други проблеми за кои не сакам да зборувам затоа што сето тоа е минато. Главно е дека јас не бев психички силен сето тоа да го изнесам како што треба и кога требаше да поентирам, не знаев како да го искористам тоа. Психички потонав и водев некој глупав инат, кој лошо се одрази само на мене. Сам сум си виновен за сè. На пример ќе го споменам Игор Карачиќ, кој исто некое време имаше лоша тортура, а на крајот беше МВП на Ф4 во Лигата на шампионите. Кога го гледав тоа ми беше многу мило, дури и заплакав. Игор беше психички посилен од мене, издржа сè, за разлика од мене… Јас го направив она што го направив и кога ќе погледнам од денешна перспектива, направив голема грешка.“

Неговото „непријателство“ со тренерот на голманите на Вардар, Дејан Периќ се споменуваше како причина за заминувањето на Џамбо од клубот, но тој беше дециден.

„Немаше Перке врска со тоа. Вистина е дека ние имавме некои недоразбирања во националниот тим, каде јас повторно не реагирав како што треба, повторно покажав незрелост во тој момент и сето тоа се искористи против мене. Мислам дека до таа мера не требаше да се ’мавне’ по мене, но тоа е тоа. Јас направив грешка, испровоциран од други работи. Кога дојде Периќ во Вардар ми требаше недела дена за да поразговараме за основни работи. Не е дека се сакаме, но имаме коректен однос, строго професионален… Јас сум главниот виновник за моето заминување од Вардар такво какво што беше, а ако имало некои работи од страна, тоа навистина не знам и затоа не можам да зборам за тоа.“

СТОЛЕ И ИГОР МИ СЕ ДРУГАРИ ЗА ЦЕЛ ЖИВОТ

Пред година дена Страхиња Милиќ во пеколот во салата во Сегед беше меѓу еден од најгласните вардарови фанови, кој меѓу „Комитите“ ги бодреше поранешните соиграчи на патот кон нов Ф4 во Келн.

„Во Вардар и во Скопје стекнав многу пријатели, но двајца посебно би издвоил – Стојанче Стоилов и Игор Карачиќ. Тие ми се искрени другари за цел живот, како тие за мене, така и јас за нив. Во тој момент почувствував дека им е потребна поддршка и сакав да им покажам дека стојам зад нив, особено во време кога сите ги отпишаа. А тие покажаа желба. Столе, Кара, Тимур и Чупко го држеа тимот, во момент во кој реално буквално никој во животот кој би се нашол во таква ситуација во клубови како ПСЖ, Кил… и да имаат такви проблеми не би издржале. А тие покажаа карактер и срце и издржаа, и играа само за да ја освојат титулата. Не ми беше ни малку криво што не бев во тимот, се до моментот кога на Ф4 во Келн Игор не беше избран за МВП и кога одигра вон сериски ракомет… Дури кога ја крена статуетката за МВП се расплакав и си помислив ’е вака требаше и јас исто да направам.’ Мене, Вардар како Вардар секогаш ќе ми биде во срцето, без разлика на сè.“

За шест сезони многу трофеи имаше можност да крене Џамбо во Вардар…

„Пехарот во Лигата на шампионите е најзначаен од многу причини. Со превземањето на клубот од Михајло на Сергеј, ние играчите кои бевме дел од него, котиравме како некои кои само се нашле во вистинско време и на вистинско место. Дека никој од нас не вреди, дека ние не знаеме што играме… Многу не омаловажуваа! А, ние за четири години им покажавме дека работевме нешто и дека клубот не беше случајно направен. Тие луѓе Сергеј, Раул, сите ние имавме цел и со освојувањето на Лигата на шампионите покажавме на сите дека никој не е во клубот случајно или затоа што некој го сака, туку секој играч вреди и тоа се покажа и тогаш, а истото се случи и лани… Титулата ми е драга, но подраго ми беше и што на сите им ја затворивме устата. А, кога сме кај успесите и првата титула во СЕХА ја сакам многу. Таа година Загреб можеби беше и посилен од нас, но сепак ние го кренавме пехарот… Многу убави моменти.“

ЗА МЕНЕ ДИВИ Е НАЈДОБАР ГОЛМАН НА СВЕТОТ

Милиќ минутажата меѓу диреците ја делеше со Арпад Штербик, Петар Ангелов, Малумбрес… но ако на некој се восхитува тоа е поранешниот македонски репрезентативец.

„Од секој научив по нешто тоа сигурно… Штербик ми беше идол цел живот и од него научив дека треба да бидеш суптилен и секогаш да се бориш. Дури и ако си најдобар голман на светот, секогаш да внимаваш на своето место и да не дозволуваш на никој премногу да се истакнува. Ангелов, многупати сум рекол, тој е за мене најдобар голман на светот. Човекот нема колена, повредени му се рамената, грбот… но има толку голема волја и желба да постигне нешто, тоа е чудо. Затоа Диви е за мене најдобар, и покрај сите недостатоци и повреди неверојатно е како држи ниво. Од Малумбрес научив натпреварите да ги доживувам како празник. Да се подготвам за натпревар и кога ќе излезам на терен да уживам во тоа, затоа што тоа е производот од напорното тренирање.“

СО МИХАЈЛО БЕШЕ ЉУБОВ И ДРУГАРСТВО, СО СЕРГЕЈ, ДРУГАРСТВО И ПАРИ

Ако некој знае како Вардар функционирал одвнатре и со Михајло Михајловски како прв човек на клубот, но и со Сергеј Самсоненко потоа, тоа е Србинот.

„Кога дојдов во Вардар беа Михајло и Вујо и тоа беше добро клупче, коe можеше да обезбеди пласман во ЛШ, да игра во групната фаза и најмногу во осминафиналето. Но, кога дојде Сергеј дојдоа пари, засилувања… Кај Михајло беше љубов и другарство, кај Сергеј беше другарство и пари. Со неговото доаѓање проработи и професионализмот, влегоа големи пари, голем играчки ѕвезди… Не може да се спореди. Но Вардар е Вардар, тоа е разлика од само еден човек.“

Враќањето на клубот одново во рацете на Мијајло Михајловски нема да го наруши континуитетот кој Вардар го држи во последните години.

„Сега Михајло одново се врати во клубот. Тој многу го сака ракомет и многу го разбира и по повеќе од три децении во овој спорт, се гледа и по потезите кои ги направи. Според засилувањата Вардар нема воопшто наивна екипа и ако се склопат коцките и секако и тренерот да го одработи своето и да ги постави работите на свое место мислам дека Вардар минимум ќе го гледаме во четвртфинале од ЛШ. Со малку среќа и новиот играчки кадар, со трпение за младите играчи и без некои набрзина донесени одлуки, некоја моја претпоставка е минимум четвртфинале и ако се вратам и јас сигурно Ф4.“

АКО ДОБИЈАМ ПОВИК, ДА, ДОАЃАМ ВО ВАРДАР!

Џамбо одново во Вардар!? Ова е најава за нова соработка или само желба да се вратиш во Скопје?

„Сезонава сигурно ќе играм во Партизан. Тоа ми е потребно и за да се вратам во форма, но и поради бизнис обврските кои ги имам. Ако почувствувам глад, желба за докажување и за успех и бидам повикан од Вардар, од Михајло, од Столе, Тимур, било кој, или од тренерот Стевче, и ако почувствувам дека можам да помогнам секако дека ќе се вратам во Скопје. Имам преубави спомени од Скопје и децата ми се родени таму, имам и вистински пријатели…. Гајам големи емоции и љубов кон Скопје. Мојот одговор ќе биде ’да’ ако почувствувам желба и потреба да покажам дека сето она што се случи со мене и Вардар беше само случајност, лош сплет на околности. Семејниот бизнис ми е приоритет во моментов, а ако по година дена повторно имам желба и страст и добијам повик – да доаѓам!“