Политиката и кризата секоја година го ставаат Вардар „на апарати“ и пак се бара лек за македонскиот бренд.
1.Кил по трет пат
Како што заврши во декември, Вардар исто така продолжи и во февруари, во втората половина од сезоната во Лигата на шампионите. Барем во оној резултатскиот дел.
Втората 11-ка за Вардар од убиствениот Кил, овој пат во германско пакување се повеќе „ја убива“ надежта за уште едно сензационално враќање на „црвено-црните“ во шампионски стил. Од оној моќниот Вардар сезонава не остана многу, се заредија поразите, се намалија шансите. Остануваат пресметките и оптимистите.
Според фактите, ова е вкупно трет пораз на Вардар од Кил сезонава, два во ЛШ и еден во летната пресметка на Супер Глоуб. И ако првиот пораз од Кил беше најава дека актуелниот европски шампион го чекаат тешки денови, тогаш овој третиот беше одјава на големите амбиции и надежи за ново ракометно чудо во изведба на вардарци.
Со пет порази во серија од вкупните шест во 11 одиграни натпревари, Вардар и математички ги загуби сите шанси да ја заврши групната фаза во горната половина на табелата со што губи чекор со водечките, автоматски добива тежок противник во следната елеминаторна фаза и секако, ја губи предноста на домашниот терен во реваншот. Ако воопшто и успее да се пласира во Топ 16, бидејќи од оваа позиција и тоа е неизвесно и зависи од резултатите во последните три кола. Во најдобар случај, со три победи во последните три натпревари, Вардар теоретски може да се искачи некое место погоре. Во најлош случај ако продолжи со лошата серија, може да падне под шесттата позиција и превреме да ја заврши одбраната на титулата.
2.Предизвици и проблеми
Вардар дефинитивно е пред уште еден голем предизвик. Стевче Алушовски на клупата исто така. Најдолговечниот македонски репрезентативец, седна на клупата на најголемиот македонски спортски бренд во не баш најдобро време. Вардар е актуелен европски шампион, но и клуб со еден куп нови и заостанати проблеми. По ланскиот историски подвиг во Келн, стабилноста беше само привид со краток рок.
По последниот одлив, дојде прилично слаб прилив. Повредите, лошата перцепција и клупска политика дополнително ги ослабнаа позциите на Вардар во европската елита. Згора на тоа дојдоа и трите тренерски смени – грешка со Писонеро, привременото лошо решение со Кокшаров и на крај „жежок костен“ за Алушовски. Три различни концепции со мал ограничен простор за големи промени.
Може ли Вардар да преживее уште една тешка пролет?
Можат ли „црвено-црните“ уште еднаш да се издигнат над своите реални можности?
Може ли Алушовски да стане Парондо?
Може ли стариот претседател, неуморен чувар на „црвено-црната“ традиција, повторно да биде гаранција за сигурност дека Вардар ќе продолжи да тече и преку милионските препреки?
Може ли предвремените парламентарни избори да ги сменат спортските состојби? Реално, не би требало, но ова е Македонија.
Многу прашања, а малку одговори. Барем засега…
3. Кога Вардар не е „вест“…
Вардар е во криза, поразите стигнаа, платите доцнат, газдата се откажува или можеби не… Ама тоа веќе не е вест, што би рекле новинарите. И никој веќе не се потресува. Исто е секоја година. После ќе речат – не било така. Па нека бркаат работа… Отприлика така некако медиумски се перцепира ново-старата ситуација во Вардар.
Менаџерите повторно вртат, Веспрем собира, дел од играчите веќе се пакуваат…Некој таму дома на своите ќе им се пожали колку плати им должи Вардар. Ние ќе пренесеме и пак ќе дебатираме – вистина е или не е. Колку е? Со една нула повеќе или помалку…Оти, овде нели парите се табу тема. И кризата исто така. И Ферарирото на паркинг. И промашените зицери. И грешките и поразите исто така. Договорите и преговорите уште повеќе… А, го има и сето тоа, сакале да видиме или не.
Но, Вардар преживеал и потешки времиња и пак ќе преживее.
А, за тоа што го убива и кој го спасува македонскиот бренд, сигурно ќе дознаеме наскоро. Ова му доаѓа како некое затишје пред бура, Вардар, сепак, не може да не биде „вест“. Не за долго…