Ф4 за младинци – Пролет: Годинава сме поискусни, одиме на висок пласман

Со настапот на младинскиот Ф4 ќе се заокружи и заврши уште една сезона. Наместо традиционално за викенд, последните мечеви што решаваат за распределба на медалите ќе се играат во недела и понеделеник. Голем дел од младите ракометари полагаат државна матура денеска (сабота) па затоа има поместување од еден ден на натпреварите. Редакцијата на 24ракомет, како единствен специјализиран медиум за ракомет во Македонија ви ги претставува сите финалисти на Ф4, и преку нивните тренери ги пренесуваме очекувањата.

Екипата на Пролет е традиционално средина каде добро се работи со младите категории. Сезонава неколку млади ракометари на полусезона беа прекомандувани во сениорскиот тим, и покажаа квалитет што во иднина ако добро се „избруси“ може да се претвори и во некој „дијамант“. Младинците на Пролет се едни од четирите најдобри што во недела ќе се борат за влез во финалето на Ф4 турнирот во Богданци.

Во четвртфиналето тие го направија можеби најголемото изненадување, и со голем пресврт стигнаа до триумф против фаворизираниот Мулти Есенс. Тренерот на Пролет, Алексо Лембанов, кој истовремено го води и сениорскиот тим под својата палка има талентирани млади ракометари од кои го извади „секој атом“.

Во регуларниот дел од сезоната неговите избраници беа во групата А, во која завршија на 4. позиција, но потоа „експлодираа“ и стигнаа до Ф4. Лани како кадети тимот на Пролет стигна до Ф4 турнирот и го освои 4. место.

,,Во регуларниот дел од сезоната игравме во поизедначената од двете групи. Голем дел од натпреварите беа неизвесни до самиот крај. На три кола до крајот на регуларниот дел, три екипи беа во игра за второ место и четвртфинален натпревар на домашен терен. По завршувањето на четвртфиналните натпревари, три екипи од нашата група обезбедија настап на завршниот турнир. Со сигурност можам да кажам дека ниту еден гостински натпревар не беше едноставен или лесен да се игра. Дефинитивно постои квалитет во останатите екипи, сепак според мене конечниот пласман во групата е реален. За особена пофалба се екипите на Охрид, Струга и Еурофарм Пелистер кои што настапуваа со кадетски состав и беа сериозен противник за сите, особено на домашен терен. Вредно е да се напомене и одлуката на РФМ, оваа сезона младинското првенство да се одигра во две групи. Младите играчи одиграа поголем број на натпревари, имаа голем број на гостувања и дефинитивно добија едно ново искуство, за разлика од претходните години кога лигата беше поделена по региони”, изјави Лембанов.

Младинскиот тим на Пролет во Богданци патува за да атакува на највисок пласман

,,Уште од почетокот на првенството главна цел беше пласман на Ф4 турнирот, а според квалитетот на екипата и сосема реално остварливо. Во групната фаза одигравме голем број на натпревари под нашето ниво, на крајот резултатите беа доволни за пласман во четвртфиналето. Самиот пласман на Ф4 турнирот не причинува некое особено задоволство во нашата екипа, тоа би значело повторување на минатогодишниот успех. Сезонава сме поискусни и одиме во Богданци по највисок пласман”.

Ракометарите на Лембанов во четвртфиналето за ривал ја имаа екипата на Мулти Есенс. Во неизвесен дуел успеаја да го победат тимот од Автокоманда и да изборат пласман на Ф4 турнирот.

,,Во четвртфиналето одигравме максимално изедначен натпревар во текот на сите 60 минути. Двете екипи покажаа квалитет во повеќе сегменти од ракометната игра, но и вредности како борбеност, пожртвуваност, желба за надигрување и фокус. Мулти Есенс  беше екипата што во повеќе интервали од натпреварот беше во водство и имаше контрола на резултатот. Особено ме радува фактот што Пролет во ниту еден момент не го загуби својот идентитет на теренот, дури и во моментите кога екипата на Мулти Есенс водеше со пет разлика. Повеќе ја посакувавме победата од противникот, според мене клучна работа кога на терен ќе се сретнат две квалитативно изедначени екипи. Се разбира дека на терен спроведовме голем дел од договорот во делот на тактичката подготовка за самиот натпревар. На крајот, кој и да беше победник немаше да биде незаслужено”.

Ривал на Пролет во четвртфиналето ќе биде екипата на Бутел. Лембанов е претпазлив за дуелот со градскиот ривал, истакнувајќи дека Бутел е екипа која игра квалитетна одбрана.

,,Екипата на Бутел ни е познат противник, во групната фаза одигравме два натпревари на кои што два пати тесно загубивме. Одлично се познававме меѓусебно и станува збор за екипа која што има квалитетна одбрана и прави мал број на технички грешки во напад, односно одлично ја чуваат топката во напад. Не сум тренер кој што ја менува играта во зависност од противникот. Силно верувам во нашиот систем на игра и во способноста на играчите да ги спроведат своите задачи на терен”.

Голдем дел од младите ракометари на Пролет, кои играат паралелно за првиот тим и во младинските категории, покаживаат добар напредок и сериозен потенцијал.

,,Сениорската екипа на Пролет, после продажбата на тројцата сениорски репрезентативци се претвори во екипа каде што главниот акцент падна токму на младите играчи. Изминатиот период беше специфичен за нив. Имаат нови посериозни улоги во екипата, со самото тоа се зголемија и очекувањата од нив. Можноста да играат против поискусни противници во суперлигашкиот плеф-оф позитивно влијаеше на нивниот напредок. Се наоѓаат во вистинска средина за нивниот играчки развој. Секојдневно добиваат совети од поискусните играчи и мора да се потенцира дека токму поискусните играчи имаат сериозна улога во развојот на помладите”.

Лембанов смета дека натпреварите на Ф4 турнирот ќе бидат неизвесни, односно ќе одлучуваат нијанси за нивниот исход и како фаворит, барем на хартија, го истакна тимот на Голден Арт.

,,Самиот настан е доволна инспирација за секој играч. Сите се свесни дека голема е веројатноста натпреварите да бидат максимално неизвесни и да одлучуваат детали. Знаеме што сакаме и го знаеме патот до целта, па дополнителна мотивација нема да биде потребна. Екипата на Голден Арт е благ фаворит заради искуството кое што го акумулираа играјќи во Првата Лига, како и најширокиот ростер. Станува збор за завршен турнир и многу околности ќе влијаат на крајниот резултат. Сите екипи ја гледаат својата шанса за титула и сигурно не очекуваат неизвесни и квалитетни натпревари”, заврши Лембанов.

Полуфиналните дуели ќе се одиграат во недела, додека натпреварот за трето место и финалето се закажани за во понеделник.

Во првото полуфинале, кое ќе се одигра со почеток од 16:30, ќе се сретнат Пролет и Бутел Скопје.

Второто полуфинале го сочинуваат екипите на Младост и Голден Арт. Овој натпревар ќе стартува со почеток од 18:30 часот.

Младост организатор на Ф4, најдобрите младинци два дена во Богданци