УО на РФМ: Ставен на маса предлогот за проширување на Суперлига, годишното собрание ќе се одржи во јуни

Управниот Одбор на Ракометната федерација на Македонија денеска одржа состанок на кој беа разгледани 12 точки на дневниот ред.

Одлуките за дел од нив беа објавени на веб-сајтот на македонска куќа на ракометот. 24Ракомет веќе пишуваше за проширувањето на елитната машка лига од следната сезона, сега тој предлог е официјализиран, а системот и проширувањето ќе бидат потврдени во мај.

Беа формирани комисии за неколку предлози, меѓу кои промена во системот за натпреврување во младинските лиги, а беше најавено дека годишното собрание ќе се одржи во месец јуни.

„Согласно насоките и мерките за заштита и превенција од вирусот CoVid-19, Ве информираме дека денеска на ден 17.04.2022 (четврток) со почеток во 11.00 часот беше организирана седница на Управниот одбор на РФМ без физичко присуство, односно седницата на Управниот Одбор на РФМ се одржа преку zoom платформата online .

На одржаната седница на Управниот Одбор на Ракометната Федерација на Македонија меѓу останатите беа донесени и следните одлуки/заклучоци:

1. Формирање на Комисија за разгледување на предлози за промени во систем на натпреварување во младински лиги за сезона 2022/2023 година во состав на: Славе Николов (Комесар за натпреварување), Левче Китевски (Директор на Машки и женски репрезентации) и Александар Стефанов (Член на Управен Одбор на РФМ), со цел заеднички со клубовите учесници се изнајде модел на систем на натпревари, со кој би се зголемил бројот на натпревари во конкретна календарска сезона во интерес на развојот на македонскиот младински ракомет;

2. Формирање на Комисија за разгледување на предлози од учесниците за систем на натпреварување на Женската сениорска лига за сезона 2022/2023 година во состав на: Славе Николов (Комесар за натпреварување), Мирјета Бајрамоска (Член на Управен Одбор на РФМ) и Гордана Нацева (Член на Управен Одбор на РФМ) во насока на зголемување на бројот на квалитетни натпревари;

3. Се задолжи Комесарот за спроведување на натпревари – Славе Николов да формира Комисија за спортски сали заеднички со претставници на ракометните клубови, во насока на дефинирање односно создавање подобри услови и стандарди за организирање на ракометните натпревари ;

4. Се донесе Одлука за усвојување на иницијативата поднесена од страна на ракометните клубови, за промена на националниот систем на натпревари за сезона 2022/2023 година во Супер Лига – мажи;

5. Се донесе генерален заклучок за мобилизација на сите расположливи ресурси за организација и промоција на престојното EHF Европско првенство во сениорска женска конкуренција кое во период од 4-ти до 20-ти ноември 2022 година каде организатори се националните федерации на Словенија/Македонија/Црна Гора, како и за идните активностите на националните селекции сениорски и младински во машка и женска конкуренција“

Роковите за наведените активности на Комисиите се до 15 април, кои ќе бидат презентирани на состанокот на Управниот Одбор во мај.