Сезоната непочната, а авантурата на Борозан во Загреб заврши!

Големото засилување за хрватскиот шампион ППД Загреб, црногорскиот интернационалец Вуко Борозан ја заврши својата авантура во хрватската престолнина.

Она што беше познато уште пред Ф4 турнирот во СЕХА лигата, кој „плинарите“ го одиграа во Задар без помошта на левиот бек, сега доби и официјална нота откако клубот го потврди раскинувањето на договорот со Борозан.

Во соопштението за медиумите, од клубот објаснуваат дека „ракометарот не е во можност да ги исполни обврските од договорот, односно не бил во можност адекватно да се подготви за новата сезона за време на сезонските подготовки.“ и тоа е причина за раскинот на договорот.

Неофицијално искусниот бек не се појавувал на тренинзите на ППД Загреб со различни оправдувања, а не одиграл ниту една од подготвителните натпревари за сините, по што со одлука на стручниот штаб и раководните лица на клубот e направен ваков чекор. Вуко Борозан требаше да биде еден од клучните ракометари во концептот на хрватскиот шампион, а со повредата на Кавчиќ, хрватите имаат сериозен проблем да го состават тимот кој ќе биде конкуретен во Европа и подготвен да го одбрани насловот првак во домашниот шампионат.

Вуко Борозан потпиша двегодишен договор со Загреб, а заминува по неполн месец од хрватската престолнина. Во својата контроверзна кариера настапуваше за Металург, Вардар, Веспрем и на блискиот исток. Тој веќе подолг период не е дел од црногорската репрезентација, а во минатото се појавија информации за негов трансфер во репрезентацијата на Катар, кои до сега не се покажаа како точни.

Поранешниот “вардарец” Вуко Борозан две години во дресот на Загреб