Поранешниот “вардарец” Вуко Борозан две години во дресот на Загреб

Хрватскиот шампион ППД Загреб го донесе своето прво вистинско засилување за наредната сезона. Во Загреб пристигнува црногорскиот лев бек Вуко Борозан.
Потписот со “плинарите” ќе значи европски кам бек за Борозан откако изминатава сезона ја помина на блискиот исток во катарски Ал Ахли. Искусниот интернационалец треба да донесе сигурност и стабилност во играта на Загреб наредната сезона откако клубот го напуштија неколку звучни имиња, а меѓу нив Сандро Обрановиќ (Кадетен), Вистороп, Мандиќ и Ивиќ.
Вуко Борозан ракомената афирмација ја стекна во Карловац, потоа пристигна во Скопје, во Металург, а преку германски Либек во 2017 патот повторно го донесе во Македонија овојпат во дресот на амбициозниот Вардар.
По недоразбирањето со управата на “црвено-црните”, во мај 2019 не се качи на авионот за Брест кој го одведе Вардар до нова СЕХА титула и го напушти Скопје само неколку недели пред Вардар да го освои вториот шампионски пехар во Келн. Потоа неколку сезони играше за унгарски Веспрем пред да замине на Блискиот исток.
Борозан во Загреб ќе се задржи најмалку две сезони. Хрватскиот шампион изминатава сезона ја освои двојната круна во домашното првенство, но во Лигата на шампионите не успеа да ја помине групната фаза. СЕХА лигата немаше успешен старт, а по најавите на челните луѓе во лигата останува можноста да се освои уште еден трофеј оваа сезона, во скратената борба за насловот “Најдобар ракометен клуб во регионот”.