СЕДМЕРЕЦ: Сега, ќе ја прошируваме ли лигата?!

Од Ѓорче до Букурешт преку Бутел и Автокоманда

1.Селекторот и капитенот малку задоцнија

Ви текнува кога пред шест години на сред ЕП 2016, Данило Брестовац тогаш како помошник на селекторот, мораше да ја остави репрезентацијата и да се врати во Франција поради клупските обврски, па наместо во втора фаза со Македонија, тој отиде на подготовки со Шамбери? Добро паметам дека тогаш во Краков никому не му беше сеедно, ама се покри некако ситуацијата, и се минимизираше важноста на постапката за да не се таласа и да не се расипува атмосферата во репрезентацијата пред важните дуели во кои бркавме олимписки квалификации. И помина работата како што помина…

Сега Франција пак ни ги меша малку работите во репрезентацијата. Поради обрските во Нант, сега селекторот Кире Лазаров го пропушти првиот собир и стартот на мини подготовките пред пред-баражот со Романија. Одигра со Нант, фати авионот и од денеска ја фаќа капитенско-селекторската работа со Македонија и за три дена излегува на мегдан со Чави Пасквал и со Романија. Ништо невообичаено кога се собираат интернационалците, стално е така, тие од Франција и од Германија секогаш последни се приклучуваат.

Ќе беше и сега – ништо невообичаено ако капитенот доцнеше ден-два. Но, не и селекторот.

Иако, реално, нема да пропадне светот, а се надевам нема ни пред-баражот со Романија, затоа што вчера на првиот собир Македонија не била комплетна! Сепак, се работи за впечатокот, за односот кон репрезентацијата, за приоритетите, за системот, за исправноста на одлуките…а, за подмладен состав и за трка со времето. И за уште еден додаден минус на сите забелешки (во последно време некако се почести и побројни), за негативните страни на македонскиот уникатен избор да има играч-селектор, растргнат на релација Франција-Македонија. Со сиот респект за вредноста, големината и целото акумулирано знаење што го има еден Кирил Лазаров.

Отсутноста и неотчетноста после јануарскиот не многу успешен настап на ЕП, делумно фрла малку сомнеж и на новата селекција за националниот тим за баражите, горе-долу приближно иста како за европското. Но, сепак тоа е работа, визија и одговорност на селекторот.

Спој на младост и искуство, прва бундес германска и прва-втора македонска…За некого шанса, за некого искуство, но сега најбитно да ја поминеме Романија, да стигнеме до Чешка и со два баражи да останеме во континуитет на голема сцена.

Ако целта ги оправдува средствата, тогаш заслужува позитивна мисла. Во јуни ќе сведуваме сметки што добиваме, а што губиме и кој бил во право, а кој не бил. Можеби ќе има и отчет тогаш. Со победа ќе биде и малку полесно да се излезе пред јавноста. Со пласман уште полесно..

2.Доминација, депортација и регрутација

Иако деновиве фокусот одново е на машката ракометна репрезентација пред новиот двоен бараж предизвик за пласман на СП 2023, сепак, седмицата тековно ја одбележаа уште неколку битни настани.

Најбитни и најгоре е доминацијата на Вардар и на Еурофарм Пелистер во европските настапи. Вардар ја продолжи победничката серија со веќе обезбедено осминафинале во Лигата на шампионите. Еурофарм Пелистер уште еднаш jа крена Битола на нозе со големата победа против АЕК за европска пролет и осминафинале во Европската лига.

На второ место е „депортацијата“ на Металург од Супер лигата. Поранешниот македонски шампион дефинитивно доби и официјална одлука со која е исфрлен од Супер лигата. Не по неодиграните натпревари поради суспензијата од ЕХФ, туку, формално, за непријавена листа со 16 играчи, согласно член 13 став 4 и 5 од Пропозициите на Ракометна Федерација на Македонија за Супер машката ракометна лига за натпреварувачка сезона 2021/2022.

Тука завршува приказната за Металург. Барем засега.

И тука во јуни ќе се сумираат сметките што и како понатаму. Може ќе испорача Автокоманда летово уште некое големо „маго“ изненадување. Кој знае…

Третиот од битните настани што се случуваа во изминатата седмица е поврзан со новиот субјект на македонската ракометна сцена. РК Алкалоид и дефинитивно со една, море и со две нозе, веќе е во Супер лигата за следната сезона, откако во големото прволигашко дерби го надигра и го победи главниот ривал РК Голден Арт на негов терен. На крај не беше баш „десетка со кромид“, ама сепак, доволно за новакот да се осами на врвот на прволигашката табела и најверојатно, за директен пласман во Супер лигата за следната сезона. Која пак, во најава треба(ше) пак да се проширува на 16 наместо досегашните 12, односно, планираните и изгласаните 10 за следната сезона.

Сега, ќе се проширува ли лигата?!

И за тоа, во јуни ќе се знае точно и прецизно.

Како и да е, РК Алкалоид веќе си обезбеди позиција, а во меѓувреме си регрутира уште еден од младите репрезентативни надежи. Одамна се шпекулираше, а сега и официјално се потврди дека ни Марко Митев не одолеа на понудата па реши да го напушти РК Бутел и да се приклучи на новиот клуб.

Некои од „регрутите“ на радар, велат, одбиле. Некои дека уште се премислувале…

Во јуни се ќе се знае.

3.Наследството на Кометал Ѓорче Петров

Во мај пак ќе биде јубилејното одбележување на 20-годишнината од европската титула на Кометал Ѓорче Петров, прва ракометна за Македонија. Со еден убав гест што деновиве лично го најави Трифун Костовски –  пренесување на титулите и целото шампионско наследство од РК Кометал Ѓорче Петров на возобновениот РК Ѓорче Петров, денеска веќе една од најсилните екипи во женската ракометна лига, како едно „наследство на клуб кој што има историја во своето постоење“.

Симболичен, но дефинитивно убав гест и поттик и за клубот и за македонскиот женски ракомет и на некој начин „оживување“ на Кометал ЃП и на сето она што значеше клубот за Македонија и за етаблирањето на македонскиот ракомет на големата сцена.

Тој 19 мај и таа шампионска титула на Кометал ЃП, беше победа на упорноста, на единството, на пркосот, на санкциите…и победа на тогаш малите наспроти моќта на големите.

Беше тоа тогаш македонска лекција за ракометна Европа – како се враќа и како возвраќа оној што ќе се обидеш да го отпишеш.

Не е лошо да се потсетуваме на таа лекција  одвреме навреме. Посебно кога ќе се подзаборавиме малку – тие сме, толку е. Е, па не било секогаш така!