СЕДМЕРЕЦ: Оди снајди се кој каде е!

Со многу отворени пршања и уште повеќе (не)затворени трансфери стартува новата сезона

1.Денеска сум овде, утре кој знае каде

Изјавата на шпанскиот репрезентативец, со по се изгледа, куса македонска екскурзија, можеби и најдобро ја отсликува општата состојба на македонската клупска сцена на почетокот од новата сезона.

„Денеска сум овде, а утре кој знае…“, рече Едуардо Гурбиндо кој требаше да биде капитално засилување за Вардар со потпишан тригодишен договор, а сега е на заминување, на неколку дена пред почетокот на натпреварите во Лигата на шампионите.

Дали пресудни биле „разликите“ во поимањето на работите или пак парите, тоа е внатреклупска работа. Што и да било, на крај останува впечаток за нестабилност, кога тимот се менува во пет до дванаесет.

На местото на Гурбиндо, кој се поизвесно е на излезна врата, во Вардар во пакет доаѓаат браќата Њокас. Не од далеку, туку право од Автокоманда.

Шпанецот не се вклопи во Вардар, Французите не „кликнаа“ во Металург. А, и тие беа од оние бомбастичните „капитални“ трансфери летово што на крај завршија со „дојдов-видов-заминав“.

На Металург без европски настапи и финансиски „трзавици“, скапите Французи, реално и не му се нешто неопходни. На Вардар пак, може да му се најдат, па паднал „џентлменски“ договор меѓу некогашните лути ривали.

2.Џентлменски трансфери и неџентлменски преселби

За разлика од „џентлменскиот“ трансфер на Французите од Автокоманда во Аеродром, пред сезоната излегоа и еден куп други не баш „џентлменски“ преселби на играчите. Од некоја причина, бројни како никогаш досега.

Оди снајди се кој каде е! И по кое толкување на договорите и на прописите. Мене, искрено не ми е баш се најјасно.

Од плејадата „спорни“ преселби, неколку се посебно впечатливи.

Српскиот репрезентативец Стефан Додиќ, од чудо од дете што секој ден патуваше од Врање и растеше во Автокоманда, стана „чуден“ трансфер, со договор се уште врзан за Металург, но за новата сезона „регистриран“ за Охрид. Металург си ги бара правата, Додиќ си игра за Охрид, РФМ се дистанцира од „случајот“ кој на крај најверојатно ќе добие судска разврска.

Правата на суд (ќе) си ги бара и РК Голден АРТ КЛ7 официјално се уште со бренд-додавката, за десет играчи за кои деновиве побара суспензија од РФМ „согласно потпишаните договори“ со „испочитувани сите обврски во однос на финансиските средства и испочитувани сите услови потпишани во Договорите“, како што објавија од клубот. Еден од спорните играчи наведени на списокот што го објави клубот е и репрезентативецот Емилијан Ѓорговски. И тој како и Додиќ, независно од спорот, новата сезона ја почна во нов дрес и во првото суперлигашко коло настапи за Еурофарм Пелистер 2 во битолскиот дуел со Еурофарм Пелистер.

Во помладите категории летово преселбите беа уште помасовни и во многу случаи – уште понејасни.

Воведувањето на задолжителната  обврска на суперлигашите да имаат тимови во младинска и во кадетска конкуренција од една страна, треба да го стимулира создавањето на млади играчи. Укинувањето на таксата за едукација на млади играчи од друга страна, ги дестимулира клубовите да вложуваат во создавање на млади играчи. А, двете мерки заедно, отворија простор дел од клубовите наместо „создавање“ да преферираат „врбување“ на најталентираните.

Последиците од оваа „стратегија“ за брзо ќе не стигнат, кога сите ќе престанат да произведуваат, па ќе нема ни што да врбуваат.

3.Едно формално, друго реално

За споровите со договорите, РФМ се огради со соопштение дека тие „работат, постапуваат и одлучуваат единствено во согласност со утврдените  нормативни акти и позитивните законски прописи кои третираат материја надлежност на РФМ“.

И дека „органите и телата на РФМ третираат материја на договор кој е заверен од страна на комисиите“, а доколку „спортскиот субјект има интерни договори со засегнати страни истите не се во надлежност на РФМ“.

Или „преведено“ анексите што ги има безмалку на сите договори на играчите со клубовите, не се работа на РФМ. Стариот ќороскак во кој македонскиот ракомет со години стои свесно заплеткан.

Но, и понатаму останува целта „македонската куќа на ракометот да го етаблира ракометот во својство на национален спорт број 1“ со потсетување на правата и обврските на сите чинители „да делуваат во рамките на своите ингеренции“ и препорака „да водат интензивен меѓусебен продуктивен дијалог“.

И колку сето ова звучи формално во ситауција кога реалното е далеку од пишаното, кога од клубовите фрчи незадоволство, а за дел од играчите и понатаму не се знае кој каде е!

4. Позитивниот, сепак бил негативен

Завршницата на СЕХА и регионалното „лизгање“ на Вардар беше и помина, но бурата не стивнува откако на видело сепак, излезе дел од вистината.

Она што неофицијално се знаеше, деновиве доби официјална потврда.  „Позитивниот“ поради кој Вардар со изборен пласман беше елиминиран од Ф4 во СЕХА, сепак, бил негативен!

Борко Ристовски во јавноста обелодени дека по спорниот „позитивен“ тест, што него го „затвори“ во Загреб, а Вардар го врати во Скопје, на своја инцијатива направил неколку антигенски и два ПЦР тестови во две различни хрватски лаборатории.

И, сите биле негативни!

Голманот на Вардар најави дека ќе ја тера работата до крај и ќе си ја бара правдата.

Каква и да биде конечната разрешница и колку и да се „зачистува“ и заборава, останува „флека“ на СЕХА.

И кога сè ќе се собере пред новата сезона, не може, а да не се запраша човек –  Ако е ваков почетокот, каков ли ќе биде крајот?!