СЕДМЕРЕЦ: Гледаш рекорди, славиш јубилеи!

Некогаш беше „два од два“ за Македонија во завршниците од ЛШ, сега Ф4 се спектакли на кои другите слават рекорди, а ние сеќавања и јубилеи

1.Спектаклот во Будимпешта

Она што е Келн за ракометарите, тоа е Будимпешта за ракометарките. И ако со години наназад женскиот Ф4 во ЛШ секогаш беше некако поскромен во однос на машкиот Ф4 во Келн, годинава спектаклот во Будимпешта дефинитивно го подигна женскиот ракомет на едно многу повисоко ниво.

Можеби, како што ќе рече и првиот човек на ЕХФ, Михаел Видерер, преселбата на Ф4 од старата „Ласло Пап Арена“ во новата блескава „МВМ Доме“, беше вистинскиот потег, но сигурно и играта и квалитетот на екипите во „големата четворка“, придонесоа завршницата на ЛШ во Будимпешта да прерасне во голем спектакл. Со два пати урнат рекорд по бројот на гледачи на трибини, но и со многу нови рекроди поставени и долу на терен.

За прв пат во историјата на женскиот клупски ракомет, еден натпревар е одигран пред повеќе од 15.000 гледачи. Два пати во два дена беше урнат рекорд во „МВМ Доме“, а финалето на Ф4 во Будимпешта меѓу унгарскиот Ѓер и норвешкиот Вајперс Кристијансанд се играше пред 15.400 гледачи, нов рекорд со кој падна „стариот“ од 14.800 од претходниот полуфинален ден.

Рекордот на трибини и предноста и привилегијата на домашниот терен овој пат не беа доволни за Ѓер да се врати на тронот. Во пост-ковид ерата, Вајперс Кристијансанд уште еднаш ја потврди  норвешката доминација во женскиот ракомет и на клупско ниво. Лани ја освоија првата шампионска титула, годинава ја одбранија и влегоа во одраните пет што единствени во историјата на ЛШ успеале да ја одбранат титула – Хипо, Шлагелсе, Виборг , Ѓер и Вајперс Кристијансанд.

Со шестата титула во џеб, Катрин Лунде и Нора Морк им се придружија на легендарните Бојана Поповиќ и Аусра Фридрикаш, како четири најтрофејни ракометарки во ЛШ.

Спектаклот на големото финале на задоволство на рекордната публика беше заверен и со рекорден број на голови – вкупно 64, два повеќе од претходниот рекорд.

И, собирајќи така бројки и впечатоци од ракометниот спектакл во Будимпешта и по некое видео и фотографија од колегите на „лице место“, ми текна на онаа гурманската изрека „месо гледаш, компир јадеш“.

Како дојде компиров на Ф4?! Па, така некако сме сега од оваа позиција во однос на оние години кога Македонија имаше „два од два“ на Ф4 турнирите во ЛШ, со Вардар во Будимпешта и со Вардар во Келн.

Сега „гледаш рекорди, а славиш јубилеи“…И чекаш некои подобри времиња.

2.Пет години од „чудото во Келн“

Годинава за македонскиот ракомет пак, се погоди ептен јубилејна. Неодамна беше 20-годишнината од првата европска шампионска титула на Кометал ЃП.  Деновиве пак, ја одбележувме и 5-годишнината од „чудото на Вардар“ во Келн, крунисано со нова европска титула, чекана да се повторни цели 15 години.

За третата што полни три години, за среќа, не чекавме со децении. За две години Вардар успеа да го повтори чудо на Ф4 и по втор пат да ја донесе европската титула во Скопје. За следна ќе почекаме…

Двете титули на вардарци како и онаа првата на кометалки, сигурно ќе се паметат и ќе се чествуваат и во годините што доаѓаат. И не треба да се заборават токму како потсетник на сите идни генерации за начинот на кој беа изборени.

До европскиот трон не се стигнува лесно дури ни таму каде успехот е резултат на систем и на процес, а не само на чудо, на упорност или на краткорочна инвестиција.

Но, во секој случај, многу е повозбудлив овој период од годината и завршницата на сезоната кога имаш и некој свој во елитата, таму во Будимпешта или после во Келн. Наместо да броиме само туѓи рекорди и домашни јубилеи.

3.Списоци и откази

Меѓу Будимпешта и Келн, дома стандард, во овој период се бројат големи и мали титули, репрезентативни списоци и „спогодбени откази“.

Титулите се решени, Суперлигата на крај со седмерец пополнета со сите 16, остана уште репрезентациите да ги истераат Медитеранските игри во одјава на оваа и најава за следната сезона.

Селекторите ги одредија составите, но се уште некако останува отворена  дилемата околу одредбата дали Медитеранските игри на крајот од сезоната треба да бидат тест за најдобрите или условно, шанса за создавање на поширок репрезентативен ростер со вклучување на повеќе играчи од поширокиот состав. Според бројот на отказите излегува дека е пореална втората варијанта. Но, на крај сепак, проценката и одлуката е на селекторот и неговиот збор треба да е последен.  И доследен.

Се за доброто на македонскиот ракомет, се разбира!