СЕДМЕРЕЦ: Аршини на баждарење

Не ги „рачунаме“ како спортисти, но судиите Ѓорѓи Начевски и Славе Николов на Македонија и донесоа единствено олимписко финале

1.Француска доминација, македонска „свирка“

Франција со двоен триумф во Токио испиша историја и се потврди како најголема ракометна сила во поновата историја. За неполни 20 часа и машката и женската репрезентација на Франција во Токио им се реваншираа на Данска и на Русија за поразите од Рио и супериорно го освоија олимпискиот трон.

Тука некаде и Македонија влезе во олимписката графа. Не со репрезентациите, нив ги немаме на ОИ, туку со најдобрата судиска двојка, Ѓорѓи Начевски и Славе Николов.

И, ако олимпиското финале е врв во секоја спортска кариера, Начевски и Николов него го достигнаа во Токио. Најдобрата македонска судиска двојка по сите оценки, беспрекорно го водеше дуелот во финалето на машкиот олимписки турнир, прв и единствен ваков дострел за македонскиот ракомет и за македонскиот спорт воопшто.

За волја на вистината, судиите не ги „рачунаме“ како спортисти, институциите дури и не ги споменуваа како дел од олимпискиот тим, но тие сепак, си го отсвиреа своето на најдобар начин, стигнаа до финале и заедно со Драган Начевски на делегатската маса достојно ја презентираа Македонија на ОИ во Токио.

„Ние како Начевски и Николов сепак, ја претставуваме Македонија, не само на ОИ, каде и да одиме, а ниту РФМ, ниту АМС ниту МОК како да не го гледаат тоа…“ , оправдано со малку горчина посочи Ѓорѓи Начевски непосредно пред да заминат на Олимписките игри.

Сега Начевски и Николов од Токио се враќаат со беспрекорно отсудено олимписко финале и во најмала рака, заслужија барем да им се оддаде признание. А, можеби ова е добар момент и надлежните институции да ги сменат аршините во вреднувањето на спортските успеси, и онака ги немаме многу на тоа највисоко олимписко ниво.

2.„Македонскиот систем“ во дефицит

А, кога сме веќе кај аршините, има во македонскиот ракомет многу за „баждарење“. Франција, реално, за нас и за многу други во ракометот е друга димензија, но и најдобар пример дека само добар и плански систем на работа со јасно дефинирани правила носи врвни успеси во континуитет. Наместо наменски прошири-скрати, дополни – избриши решенија.

А, богами, колку Французи дојдоа летово, што во Вардар, што во Металург, може и да попримиме по нешто француско и во македонскиот систем кој има и свои добри, но и лоши страни.

Наспроти странските засилувања, по кои некако веќе со години стана вообичаено да се мери моќта и силата на клубовите, за жал во „македонскиот систем“ имаме се посиромашно производство и се помалку квалитетни домашни играчи на пазарот, дури и од оние некогаш традиционални бази како Скопје, Битола, Струга…Со новите проекти тоа некако тешко може да се надополни. Декларативно сите се залагаат за истата работа, но во пракса последниве години сликата е малку поинаква.

3.Здружени(е) за доброто на македонскиот ракомет

Укинувањето на надоместокот за развој на младите играчи, кој  важи за европските, но не и за домашните трансфери, е еден од погрешните потези со кој во перспектива се намалува интересот и „математиката“ на големите клубови да вложуваат во создавање на млади домашни играчи и тие сега се повеќе се ориентираат кон купување „готов производ“.

Привилегиите и „растегливите“ критериуми дополнително ги изместуваат работите и реалната слика за вредност и квалитет.

И после, секое лето имаме по некоја нова „сага“, кој ги „врбувал“, кој кому му преземал играчи, од каде полесно се стигнува до националниот дрес, од каде малку потешко. Кој е тренд, кој е бренд, кој е институција, кој е „опозиција“…Со разно-разни обвинувања и различни аршини за мерење на работите кога си од „оваа“ и кога си од „другата“ страна. „Жив песок“ во кој, за жал на крај пропаѓаат многу добри проекти, а не ретко и  многу надежни таленти.

Иницијативата за формирање на Здружение на клубови, актуелна деновиве, можеби е некое и некакво решение клубовите да ги заштитат своите интереси и интересите на играчит и организациски здружени да имаат поголемо влијание во донесувањето на одлуките.

Здружени(е) за доброто на македонскиот ракомет. Така е барем во најава. Но, на крај, пак се зависи од аршинот.