„Сега имаме повеќе играчи, треба да се најде начин како да ги ротираме“

Македонскиот шампион Вардар за вториот дел од сезоната се засили со неколку ракометари, кои играат во два правци и кои ја зголемија ротацијата во редовите на „црвено-црните“.

Тренерот на Вардар, Владо Недановски истакна на Маркоски, Аларов, Јагуриновски… им треба одреден временски период да се прилагодат на новиот систем на работа истакнувајќи дека од натпревар во натпревар ќе бидат се подобри и подобри.

„Изборот на играчи, кои што сакаме да ги донесиме во Вардар, е секогаш да играат во два правци. Тоа е голем плус за екипата, но и помалку размислување за тренерот. На Велко Маркоски му треба малку време, бидејќи немаше квалитетни и професионални тренинзи, сега се враќа полека и се работи за прав одбранбен и искусен играч и се надевам дека многу ќе ни помогне во вториот дел од сезоната. Михаил Аларов според мене е еден од подобрите одбранбени играчи и тоа го покажува на терен, само му треба малку време да се адаптира во нашиот систем на работа и ќе биде се подобар и подобар. Томислав Јагуриновски го гледаме и на првенства и на големи натпреварувања дека игра во два правци, игра одлично во одбраната и тоа е еден голем плус за нашиот тим. Сега повеќе главоболка има тренерот (се смее), претходно немаше кој да се стави во игра, сега имате добри играчи и треба да се најде начин како да ги изротирате и вклопите”, изјави Недановски.

Ракометарите на Вардар во петок ги очекува третиот натпревар од регионалната СЕХА лига, а во Скопје гостува словачкиот првак Татран Прешов.