Преспа го потврди првото место во плеј-аутот со триумф кај Кичево

Ракометарите на Преспа во последното 14. коло триумфираа со 23:24 на гостувањето кај Кичево со што ја потврдија првата позиција во плеј-аутот од Првата лига.

Кичево и Преспа одиграа доста интересен натпревар на кој гостите имаа предност во поголемиот дел но на крајот можеа да ја испуштат победата. На полувремето Преспа имаше водство од 11:13 и беше во подобра позиција пред продолжението.

Гостите имаа добро отварање на вториот дел и стигнаа до највисоките пет гола предност. Тука веќе се чинеше дека е решен победникот, но екипата на Кичево до крај на мечот успеа да стигне до израмнување на 23:23. Сепак во послендиот напад Мишевски постигна гол за победа на Преспа.

Били Мишевски со осум гола и Филип Шиклевски со седум ја предводеа екипата на Преспа до триумф, додека во составот на Кичево најефикасен беше Константин Љаковски со шест гола.