Маџовска: Ни фалеше повеќе искуство

Репрезентацијата на Македонија во последното 3. коло од групната фаза на Европското првенство беше поразена од Романија со 31:23 и го заврши настапот на континенталниот собир. Романија со денешната победа обезбеди пласман во главната фаза, односно место меѓу 12-те најдобри репрезентации на Европското првенство.

Една од ракометарките кои на трите натпревари доби голема минутажа беше интернационалката Симона Маџовска, која по поразот од Романија даде целосна анализа за учеството на Македонија на континенталниот собир.

,,Знаевме дека не можеме да се надигруваме со Франција и Холандија, а Романија ни беа должници за двата порази во ланскиот бараж за Светското првенство и Романија ни е многу позната репрезентација. Иако резултатот е убедлив, сепак во најголемиот дел од натпреварот бевме рамноправни и покажавме дека може да се носиме против оваа репрезентација. Жал ми е за публиката што не ја израдувавме до крај, но мислам дека прославивме многу среќни моменти на овој натпревар”, изјави Маџовска.

Битолчанката истакна дека подмладената репрезентација на Македонија немаше доволно искуство за вакви големи натпревари.

,,Многу пати се споменуваше темата за нов систем, за нов план во репрезентацијата. Имаме многу кадети, имаме потенцијал, секако, иднината е на младите и ако го прифатат новиот систем и тренираат напорно, мислам дека можат да стигнат многу далеку. Само така ќе може да го вратат стариот сјај на женскиот ракомет во Македонија. Не продолжуваме во втор круг, за нас овој натпревар беше мало финале, жал ни е, но дадовме сѐ од себе и доколку ги реализиравме зицерите, резултатот ќе беше сосема друг. Желба не ни недостасуваше сигурно, можеби ни фалеше концентрација во реализирањето од чисти позиции и повеќе искуство”, заврши Маџовска.

Следен предизвик за избраничките на Љубомир Савевски ќе бидат квалификациските натпревари за пласман на Светското првенство 2023.

Македонија даде отпор, но го заврши настапот на ЕП