Вардар ослабен ќе ја започне новата сезона во Лигата на шампионите. На гостувањето кај Мелсунген нема да настапи еден од важните ракометари во бековската линија, а суспензијата ќе важи и за следните три европски натпревари.
Tренерот Иван Чупиќ нема да може да смета на Урош Митровиќ. Српскиот бек не отпатува со екипата за Германија, а причината не е повреда, туку суспензија што ја заработи на последниот европски натпревар на Вардар минатата сезона.
На реваншот од четвртфиналето на Европската лига против Монпелје во „Јане Сандански“, Митровиќ заработи директен црвен картон и син картон, а потоа следуваше и дополнителна дисциплинска казна.
ЕХФ му изрече суспензија од четири натпревари во европските купови. Бидејќи Вардар по дуелот со Монпелје ја заврши европската сезона, казната се пренесува во новата сезона и во Лигата на шампионите.
Тоа значи дека Митровиќ ќе ги пропушти следните четири натпревари, со Мелсунген и Висла Плоцк во гости, и двата домашни дуели со Нант и Висла Плоцк.
По истекот на суспензијата, Митровиќ повторно ќе може да му биде на располагање на стручниот штаб за продолжението од групната фаза.
Вардар европската сезона ја отвора на едно од најтешките гостувања во групата. Мелсунген минатата сезона ја освои Европската лига и сега за првпат ќе настапува во Лигата на шампионите, па германскиот клуб со големи амбиции влегува во новата европска сезона.
Двете екипи одлично се познаваат. Минатата сезона се сретнаа двапати во главната фаза од Европската лига, а Вардар славеше на двата натпревари – во Скопје со 37-33, а во Германија со убедливи 34-25.
Сепак, тренерот Иван Чупиќ веќе предупреди дека тие резултати не треба да бидат мерило за новата пресметка. Мелсунген тогаш имаше проблеми со повредени играчи, додека сега Германците влегуваат комплетни и дополнително засилени во сезоната.
За Вардар ова ќе биде првиот голем тест по враќањето во европската елита.
▶▶▶ Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон
Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet . Со еден клик до сите вести.























