Македонија даде отпор, но го заврши настапот на ЕП

Репрезентацијата на Македонија во последното 3. коло од групната фаза на Европското првенство беше поразена од Романија со 31:23 и го заврши настапот на континенталниот собир. Романија со денешната победа обезбеди пласман во главната фаза, односно место меѓу 12-те најдобри репрезентации на Европското првенство.

Во воведниот дел се повреде левото крило на Македонија, Јована Саздовска, која за момент мораше да го напушти теренот и како нејзина замена во игра влезе младата Емилијана Ризоска. Првиот гол на дуелот во СЦ ,,Борис Трајковски” беше постигнат од страна на Романија, односно Неагу за почетно водство од 1:0. Македонија во 5 минута преку Ризоска израмни на 1:1 и пропушти неколку напади за водство.

По голот на Македонија следуваа два гола на романската репрезентација за највисоко водство од ,,плус два” 3:1. Мицевска во неколку наврати не дозволуваше лесни погодоци во својата мрежа, а со голот на кружниот напаѓач Сања Дабевска нашата селекција намали на 3:2. Ниту Романија не играше на ниво, па така повратничката на теренот Саздовска кон средината на првото полувреме израмни на 3:3.

Следуваше период во кој двете репрезентации влегоа во брз ритам, наизменично постигнуваа погодоци и во 15 минута резултатот беше нерешен 7:7. Македонија во секој сегмент од играта успеваше да и парира на фаворизираната Романија, која со погодоците на Неагу одржуваше минимална предност, но без голема комоција во играта.

По нерешените 8:8, селекцијата на Романија со три гола во низа дојде до 11:8 во 20 минута. Кризниот период на Македонија беше прекинат со голот на Ристовска од пенал за намалување на негативата на минус два, 11:9. Откако Романија имаше 12:9, избраничките на Љубомир Савевски за момент дојдоа до еден гол негатива, 11:10. Во финишот на првото полувреме се играше во егал, романската селекција беше повеќе пофокусирана во клучните моменти и на пауза замина со минимална предност од 13:12.

 

09.11.2022 MKD – ROM

 

Романија на стартот на вториот дел зголеми на 16:12 откако Македонија претходно не погоди од неколку чисти позиции. Оваа предност на Романија во 35 минута создаде дополнителен притисок кај репрезентативките на Македонија, кои преку сите опции бараа камбек во дуелот. Првиот гол на Македонија во вторите 30 минути го постигна Дабевска, но составот на Флорентин Пера во 38 минута повторно дојде на четири гола разлика, 18:14.

На моменти искуството си го правеше своето и Романија лесно доаѓаше до погодок. Во 40 минута водството на Романија беше 22:17 и тука беше јасно дека македонските репрезентативки ќе мора да го дадат последниот атом од силите доколку сакаат да фатат приклучок и да се вратат во натпреварот. Неагу и колешките на речиси 12 минути пред крајот дојдоа до дотогаш највисоките плус шест гола разлика и водство 24:18. Во последните десет минути целосно се распадна играта на македонската репрезентација и Романија рутински го одработи финишот за прва радост на Европското првенство и пласман во главната фаза.

Најефикасна во репрезентацијата на Романија беше Кристина Неагу со десет погодоци. Одлична на голот кај Романија беше Дацијана Хосу со 11 интервенции. Кај Македонија се истакнаа Сања Дабевска со седум и Симона Маџовска со шест гола.