Македонски репрезентативец согласен да потпише за Вардар

Покрај интернационалците кои в година ќе ги има тимот на Вардар, актуелниот европски и СЕХА првак собра и неколку актуелни репрезентативци. Во февруари се врати Борко Ристовски, сега е потпишан и Томислав Јагуриновски, а речиси сигурно е доаѓањето и на младиот и перспективен Ненад Костески. Но, се чини блиску до враќање во Македонија е и уште еден интернационалец кој досега играше во Бундеслигата.

Левиот бек Филип Талески на почетокот на мај во разговор за 24ракомет најави дека до крајот на месецот ќе реши каде ќе ја продолжи кариерата. Како дестинации се споменуваа Вардар, Еурофарм Пелистер или, пак, да остане во Германија. Според последните информации, Талески е согласен да се врати во Вардар. Контактите се интензивирани во последниот период откако новиот претседател Михајло Михајловски ги почна преговорите со играчите и покрај задржувањето на актуелниот состав веќе се контактираат и договараат и засилувања.

Уште од лани траат контактите на Вардар и Талески, и овој пат веројатно таа соработка ќе биде реализирана. Талески сезонава заврши со играњето во Балинген, и таму сигурно нема да остане. Бундеслигата останува приоритет, но сега и Талески ќе треба побрзо да реагира околу решавањето за неговата спортска иднина.

Сега Талески има и конкуренција на неговата природна позиција, лев бек бидејќи таму сигурно ќе играат Санталов и Дисингер. Во игра е и Кубанецот Бланко Баласкез кој може да дојде исто така во Вардар, но како позајмен играч од Порто. Двајца Кубанци се нови можни засилувања за „црвено-црните“.

Како среден бек би можело на подготовките на Вардар да се појави и португалскиот репрезентативец Мигел Мартинс кој сега настапува во Порто, но тој сака да замине, а клубовите ќе разговараат за евентулното обесштетување.

Претходно договорен е и Французинот Робин Кантегрел на голманската позиција. Тој е замена за Никола Митревски кој имаше разговори со „црвено-црните“, но, сепак, реши да замине за Португалија.

Марко Мишевски, Стефан Крстевски, Стефан Атанасовски, Давид Гашевски исто така остануваа дел од тимот на Вардар, заедно со Марко Кизиќ, Мартин Карапалевски, Ален Ќосевски и Димитар Димитриоски.