Вардар „на менито“ за засилување има двајца Кубанци

Европскиот шампион Вардар полека го формира ростерот за следната сезона и веќе има три засилувања – голманот Робин Кантегрел, левиот бек Дмитри Санталов и десниот бек Томислав Јагуриновски. Но откако тимот остана без Сергеј Горбок и Дејан Кукуловски на левата бековска позиција и Жозе Толедо и Даинис Кристопанс на десната страна, неопходни се ангажмани и на најмалку уште два бека.

Според информациите на 24Ракомет, Вардар има опција да ги ангажира двајцата кубански интернационалци од редовите на Порто, левиот бек Јоан Бланко Баласкез (25) и десниот бек Анхел Ернандез Зулуета (26). И двајцата се уште имаат договори со Порто, но клубот е расположен да ги отстапи на една сезона, а потоа да се размислува за евентуална подолгорочна соработка или да се вратат во Португалија. Вардар треба да реши дали ќе се согласи да ги има сезонава во тимот и дали ќе може да се вклопат во концепцијата на тренерот Стефче Алушовски.

Баласкез веќе втора сезона настапува за Порто, и во групната фаза сезонава постигна 13 гола, а пет му даде на Кил во Порто кога домашните ракометари беа бликсу до голема сензација. Лани играше во Купот на ЕХФ и постигна 14 гола. Неговиот сонародник Зулуета трета сезона настапува за Порто, сезонава постигна 15 гола, а претходните две во Купот на ЕХФ, по 14 и 10 гола.

Во Порто на лев бек доаѓа Хрватот Иван Слишковиќ од Гепинген, а на десен бек Диого Силва од Целје, па раководството на португалскиот тим е расположено да ги испрати двајцата Кубанци во Вардар иако имаат активен договор. Баласкез начелно е договорен со Адемар Леон за трансфер во 2021 година, но во меѓувреме можеби ќе одигра една сезона во Скопје.

Вардар се интересира исто така и за плејмејкерот Мигел Мартинс, кој има договор со Порто, но би можел да се пресели во европскиот првак. Клубовите треба да ги договорат условите за трансфер, односно обештетувањето за Мартинс за негово доаѓање во Скопје. Кај играчот постои волја да игра за европскиот првак, па остнуваат детали за договарање.