Шпанскиот тренер Хота Гонзалес отворено зборуваше за периодот поминат во Бенфика, клуб кој го предводеше три сезони, но со кој не успеа да освои трофеј.
Гонзалес, кој во кариерата работеше во Шпанија, Франција, Португалија и Полска, а од 2025 година е селектор на полската репрезентација, во интервју за португалскиот „Зеро Зеро“ се осврна на своето заминување од Бенфика и на очекувањата на навивачите.
Според него, токму долгото чекање на шампионската титула има големо влијание врз расположението на фановите на клубот.
„Разбирам дека навивачите на Бенфика сакаат да поддржуваат победнички екипи, кои се натпреваруваат со Порто и Спортинг за да бидат шампиони. Тие веќе неколку години не го освојуваат шампионатот. Освоија неколку купови, но не и првенството. Мислам дека тоа малку ги деморализира и прави да не веруваат толку во ракометот“, вели Гонзалес.
Гонзалес во Бенфика пристигна со големи очекувања, но неговиот мандат беше проследен со нестабилност и низа несреќни околности. По три сезони без освоен трофеј, пред неколку недели го напушти клубот.
За шпанскиот стратег, проблемот не е само во резултатите, туку и во атмосферата која се создава кога клубот долго време не успева да стигне до најважниот трофеј.
Ова лето Бенфика направи голем рез и го донесе шведскиот стратег Aндерс Халберг, кој веќе падна на првиот испит и во Супер Купот загуби убедливо од Спортинг Лисабон.
Меѓу новите ракометари се Вилијам Богојевиќ, Синдер Хиндал, Жоаким Назаре, голманот Тобијас Тулин…а останаа Никита Вајлупов, Алексис Боргес, Хави Родригез..


























