Екипата на Кирил Лазаров одигра моќно во нападот, уште во првото полувреме го реши победникот и стигна до првиот триумф во Регионалната лига, победувајќи го Ловќен со 54-37.
Победникот беше решен уште во првите 30 минути. Рамноправна игра имаше само до 4-3, по што тимот од Скопје направи серија и со пет последователни погодоци на Урош Борзаш стигна до 12-5.
Домашниот состав продолжи во ист ритам, поведе со 15-6, а во 24. минута првпат стигна и до двоцифрена разлика, 21-11. На паузата сино-белите од Автокоманда имаа убедливи 27-16 и практично веќе ја завршија работата.
Ловќен со два гола го отвори второто полувреме и намали на 27-18, но немаше сили за посериозна закана. Екипата на Кирил Лазаров продолжи лесно да ја пробива одбраната на црногорскиот шампион, па предноста постојано се движеше меѓу десет и 15 гола.
Во завршницата домашните стигнаа и до највисоките плус 17, за конечни 54-37. За нападот на тимот од Автокоманда доволно говори податокот дека имаше реализација од речиси 68 проценти и само две загубени топки. Во листата на стрелците се запишаа 12 ракометари.
Најефикасен беше Урош Борзаш со осум погодоци, Нејц Цехте постигна седум, додека Марко Стојковиќ, Емилијан Ѓорговски и Александар Петковски реализираа по шест. Никола Костески додаде пет гола.
Кај Ловќен прв стрелец беше Мрваљевиќ со седум погодоци, Вујовиќ постигна шест, а Петричевиќ пет.

























