Вардар ги собира младите репрезентативци – Јагуриновски потпиша за европскиот првак!

Десниот бек Томислав Јагуриновски е првото засилување за се уште актуелниот европски првак Вардар. Откако „црвено-црните“ ги продолжија договорите со Ристовски, Мишевски, Анастасовски, Гашовски и Крстевски, сега го обезбедија второто засилување за новата сезона по Дмитри Санталов.

Јагуриновски освен на десната бековска позиција, може да игра и како крило, па тоа го прави интересен за многу клубови. Сепак од многуте клубови кои го бараа меѓу кои Пролет и КЛ7, тој се реши за Вардар и потпиша договор на три сезони.

Во СЦ „Јане Сандански“ доаѓа од Металург, а лани од Автокоманда во европскиот првак се пресели Димитар Димитриоски. Во Металург беше ангажиран српскиот интернационалец Никола Потиќ, па Јагуриновски се реши да си замине.

Тој собра искуство од настапите за битолските Пелистер и Еурофарм Работник две сезони, а неколку пати се најде и на поширокиот список на селекторот Данило Брестовац за репрезентативните акции на сениорите.