Охрид го грабна цел плен во Панчево – има три од три во Регионалната лига!

По триумфите над Војводина и Будванска Ривиера, ракометарите на Охрид ја запишаа третата победа во Регионалната лига, откако славеа кај Динамо Панчево со 30-28. Иако домашните пружија силен отпор, водеа во повеќе наврати во првиот дел со четири погодоци разлика, сепак на крајот пресуди квалитетот кој е на страната на македонскиот тим.

Мате даде осум гола и беше најдобар стрелец во составот на Борис Ројевиќ, а пет погодоци постигна Стрмљан, додека по четири пати погодија Савревски и Кеита.

На паузата беше 15-13 за Динамо Панчево, но набрзина Охрид во вториот дел воспостави рамнотежа, а потоа ја презема контролата и по десетина минута успеа да поведе преку Јошида со 22-19.

Не се откажуваа избраниците на Никола Јаневски од битка за камбек во мечот и на двапати стигнаа до минус еден. Сепак не добија прилика за реми, згрешија во нападот, па Мате искористи една шанса од пасивен напад за плус четири, 28-24.

На 28-26, Славиќ одбрани еден шут на домашните, потоа Стрмљан погоди од тешка ситуација и немаше време за Динамо Панчево да направи нешто повеќе на овој меч. Следен предизвик за Охрид ќе биде мечот од Супер Купот против Вардар.