Вардар „истрча“ побрзо од Еурофарм Пелистер: Голманот од Франција бил понуден и на битолчани

Екипата на Вардар се засилува на голманската позиција за следната сезона, а во тимот треба да пристигне голманот на Сесон Рен, Робин Кантегрел, кој важи за еден од најперспективните голмани од Франција, а има 25 години.

Тој беше во центарот на вниманието во последниот период, а информациите од Франција велат дека покрај на Вардар му бил понуден и на тимот на Еурофарм Пелистер.

За неговите услуги биле заинтересирани и тимовите на Бидасоа Ирун од Шпанија и Штутгарт од Германија. Сепак, после ова неговите менаџери се насочиле кон Македонија гледајќи ги проектите на Вардар и на Еурофарм Пелистер како подобри во однос на тимовите од Асобал и Бундес лигата со оглед на тоа што тимовите ќе имаат загарантирано место во групната фаза од Лигата на шампионите односно Лигата на Европа.

Кантегрел прво бил понуден на Еурофарм Пелистер, а веднаш потоа и на Вардар. Од таборот на сè уште актуелниот освојувач на Лигата на шампионите имале далеку побрза реакција и успеале да стигнат до голманот кој е меѓу најдобрите во најсилната лига на Франција за последната сезона.

Останува само да се види како ќе се финишира целата ситуација околу потписот на Кантегрел бидејќи клубот за кој досега играше Сесон Рен бара обесштетување поради тоа што уште е под договор со овој тим. Сепак, јасно е дека нема да стојат на патот на голманот кој самиот побарал да си замине од екипата за да може да игра на повисоко ниво и да напредува.