Македонска репрезентативка планираше крај на кариера, но се премисли!

Македонската репрезентативка Синона Маџовска го продолжи договорот со бундеслигашот Цвикау, кој обезбеди опстанок во најсилната конкуренција во Германија.

Битолчанката ги пропушти последните четири месеци од сезоната, откако кон крајот на февруари заработи скршеница на стапалото и мораше да оди на операција.

Нејзиниот квалитет и борбеност беше доволно за раководството на Цвикау да го продолжи договорот со Маџовска, која после повредата размислуваше да стави крај на кариерата.

,,Не можам и не сакам да застанам вака. Целиот клуб ми стана толку драг, во Цвикау го имав и го имам најдоброто ракометно време во мојот живот. Повредата многу ми тежеше, но сите во клубот беа зад мене. Во минатиот париод забележав дека не сум подготвена целосно да живеам без ракомет. Тренерскиот штаб вложи голем напор за мене и ми го покажа вистинскиот пат. Навистина сум многу среќна и благодарна што ми се дава можност да продолжам да играм во Цвикау. Јас имам голема поддршка и од моето семејство, како и од мојот сопруг Борјан. Тие целосно ја подржуваат мојата одлука. Многу сум им благодарна за нивната поддршка. Овој клуб, овој тим и нашите навивачи ми даваат сè што ме прави среќна. Горда сум што го носам дресот на овој клуб”, изјави Маџовска за клупската страна на бундеслигашот.

Левиот бек дресот на Цвикау го носи веќе пет сезони, претходно една сезона мина во Некарсулмер, додека во Македонија беше дел од екипите на Металург и Феникс.