Ловќен му посака добредојде на Бојан Маџовски

Амбициозниот тим на Ловќен од Цетиње го потврди трансферот на повремениот репрезентативец на Македонија, Бојан Маџовски.

Левото крило, коe зад себе има запишано и настапи во Лигата на шампионите, ќе заигра за првпат надвор од Македонија и во тимот на Ловќен ќе го има првиот интернационален предизвик во својата кариера.

Маџовски потекнува од школата на Металург и во тимот од Автокоманда ја стекна својата афирмација, најпрво во вториот тим на некогашниот македонски шампион, односно во Металург Јуниор, потоа и во првиот тим.

29-годишниот ракометар во сезона 2018/19 од Скопје се пресели во Битола, а во последните шест месеци од минатата сезона го носеше дресот на вториот тим на Еурофарм Пелистер.

Во Ловќен од битолскиот тим пристигна и искусниот Мирко Радовиќ, па така црногорскиот шампион ќе има конкурентен тим за во Европа.

Нови ракометари во Ловќен, покрај Радовиќ и Маџовски, сѐ и Иван Перишиќ, Богдан Петричевиќ, Филип Борозан, Вук Лакичевиќ, Михајло Шчекиќ, Милорад Бакиќ и Лука Вујовиќ.

Ловќен во новата сезона ќе игра и на европска сцена, доби директно место во групите од Лигата на Европа. Црногорскиот првак во второто по квалитет европско клупско натпреварување за ривали ги има Кадетен Шафхаузен, Фленсбург и Елверум.