ЕХФ им посака добредојде на 24 земји учеснички на ЕП (ФОТО)

Со денешното финиширање на квалификациите за Европското првенство во Унгарија и Словачка стана јасно кои 24 репрезентации ќе играат на шампионатот што ќе се одржи во јануари.

ЕХФ веќе им посака добредојде на земјите кои ќе земат учество. Станува збор за дури 22 репрезентации од оние кои играа на последното Европско првенство. Единствените земји кои ќе ги нема, а играа на претходниот шампионат се Швајцарија и Летонија. На нивното место се Словачка и Литванија.

Репрезентативците на Литванија се враќаат на Европските првенство после дури 24 години. Единствениот шампионат на кој играа досега беше оној во 1998 година во Италија кога и Македонија дебитираше на големите натпреварувања.

Инаку, место на Европското првенство во јануари си обезбедија: Унгарија, Словачка, Шпанија, Хрватска, Србија, Германија, Шведска, Данска, Русија, Македонија, Словенија, Белорусија, Норвешка, Португалија, Франција, Исланд, Чешка, Холандија, Австрија, Црна Гора, БиХ, Полска, Литванија и Украина.

Шампионатот ќе се одржи од 13 до 30 јануари. а ќе се игра во пет града. Унгарија ќе биде домаќин во Будимпешта, Дебрецен и Сегед, додека Словачка ќе ги пречека репрезентациите во Братислава и Кошице.