Лазаров: Знаев дека ќе одиграме квалитетно и со жар, ова ќе биде мотив плус за помладите

Македонската сениорска репрезентација стартуваше со триумф на пријателските натпревари, откако славеше против Кувајт со убедливи десет разлика, 31-21.

Во ростерот од 18 ракометари не беше селекторот Лазаров, а не играа ниту Мартин Велковски, Никола Митревски и Цветан Кузманоски, а голема минутажа добија помладите ракометари.

Селекторот е задоволен не толку од резултатот, колку од ангажираноста на ракометарите.

„Среќен сум не затоа што победиме со десет гола, туку затоа што игравме без девет стандардни репрезентатиивци, што поради оправдани отсутва, што поради повреди. Среќен сум што и покрај тоа ги убедив младите дека ако се сака – се може. Тоа го покажаа на теренот. Ме радува што првиот беше егал, а вториот дел го засиливме ритамот и славевме убедливо. Не е важен толку резултатот, колку што е важен пристапот, она што го договоривме да го спроведеме на теренот. Мислам дека ова за играчите ќе биде дополнителен мотив во преостанатите денови да работиме уште понапорно, да ги исправиме грешките што се појавуваат, а добрите работи да ги задржиме и да напредуваме од ден на ден. Не може да не понесе еуфорија, стоиме цврсто на земја и знаеме што не чека. Не можеме да споредиме Кувајт со Данска, Црна Гора или Словенија, тоа се два различни света. Радува пристапот, радува ангажираноста на тренинзите. Знаев дека ќе одиграме квалитетно и со голем жар, затоа што минатите денови работевме максимално напорно и посветено“, вели Лазаров.

Дебитираше Стојковиќ, а голема минутажа имаа Кизиќ, Серафимов, Ѓорѓиев, Митев и Симоноски од помладите ракометари.

„Едно е клупа, друго е национален тим. Затоа ќе имаме четири меча за промената на генерации да мможе да мине и да им даваме шанса на помладите. Голем дел од нив ја искористија. Не дека ќе имам главоболка, но ова за нив ќе биде поттик и мотив да се борат за нациоанлниот дрес. Треба да се заслужи националниот дрес. Повик е повик, но настап на официјален меч на големо натпреварување мора да се заслужи. Сакам да стигнеме да имаме голем фонд на играчи, да имаме компетитивност, да ги наведеме играчите да се борат во клубот и да го убедат нашиот стручен штаб дека заслужуваат шанса“, заврши Лазаров.

Македонија ќе одигра на 29 декември уште една средба против Кувајт во Маврово, како и уште две против Израел на 3 и 4 јануари во Скопје.

Македонија тргна победнички кон ЕП – Кувајт совладан со десет гола разлика!