Македонија тргна победнички кон ЕП – Кувајт совладан со десет гола разлика!

Македонската сениорска репрезентација стартуваше со триумф на пријателските натпревари, откако славеше против Кувајт со убедливи десет разлика, 31-21. Во ростерот од 18 ракометари не беше селекторот Лазаров, а не играа ниту Мартин Велковски, Никола Митревски и Цветан Кузманоски, а голема минутажа добија помладите ракометари.

Кувајт водеше на два пати со по два гола, 2-4 и 3-5, но со серијата од три гола по ред, Македонија ја презема контролата и предноста на нашите ракометари до крајот на првото полувреме се движеше од еден или два гола разлика. На пауза се замина со резултат 14-13, а црвен картон во првиот дел доби Горан Крстевски поради остар старт на еден од противниците.

Противникот беше скршен на стартот на второто полувреме. Добрата одбрана донесе неколку лесни голови и серија од осум по ред за 22-13, а Кувајт го постигна првиот гол по 13 минути во вториот дел. Беше 23-16, грешките на ривалот само се зголемуваа па Македонија стигна и до плус 11, 28-17, па до крајот немаше дилеми околу победникот.

Томовски собра шест одбрани, а Кизиќ имаше пет. Кај стрелците се истакна Серафимов со седум, Талески постигна пет, по четири имаа Маџовски и Ојлески. Костески и Ѓорѓиев дадоа по три, Георгиевски стрелаше два пати, а по еднаш Петров, Симоноски и Младеновиќ. Деби на овој натпревар за сениорите запиша и пикерот Марко Стојковиќ.

Македонија ќе одигра на 29 декември уште една средба против Кувајт во Маврово, како и уште две против Израел на 3 и 4 јануари во Скопје.