ШТЕТА: Куманово од пенал во последната секунда загуби во Израел

Екипата на Куманово во второто коло од Европскиот Куп доживеа минимален пораз од Макаби Аразим, 26:25, но остана во борба за пласман во третата фаза во третото по ранг европско натпреварување. Макаби Аразим голот за триумф го постигна во последната секунда од пенал. Реванш натпреварот меѓу Куманово и Макаби Аразим ќе се одигра утре со почеток од 18:00 часот. Во третата фаза од Европскиот Куп место обезбеди македонскиот шампион Ѓорче Петров.

Составот на Ристова го отвори натпреварот со голот на Граматова за водство од 1:0 и во поголемиот дел од првото полувреме беше повеќе од рамноправен противник. Ракометарките на Макаби со серија од 3:0 го свртија резултатот во своја полза и по пет минути играа имаа предност од 3:1. Израелскиот тим од тој момент, па сѐ до 15 минута имаше контрола на резултатот, но не поголема од еден до два гола разлика.

По нерешените 6:6, следуваше серија од 2:0 на македонскиот претставник, кој до 25 минута беше подобриот противник на теренот. Куманово по вторпат дојде до водство, откако поведе со 7:6, потоа имаше и 8:6, а голема заслуга за пресвртот на македонскиот вицепрвак имаше голманката Јовановска, која првиот дел го заврши со шест интервенции.

Макаби не дозволи Куманово да се одлепи на сериозна предност и во последните осум минути се врати во игра. Избраничките на Ристова успеаја предноста да ја сочуваат до 25 минута и во последните пет минути Макаби воспостави резултатска контрола, израмни на 12:12 и преку Улзари поведе со 13:12. До полувремето се играше гол за гол, па така Макаби на пауза замина со предност од 15:14.

Куманово поради малиот ростер, настапи со само 12 ракометари, немаше многу опции во нападот и во првите десетина минути од вториот дел тешко доаѓаше до голот на противникот. Расположените ракометарки на Макаби во 40 минута ги имаа највисоките, до тој момент, плус три гола разлика, 19:16, а минута подоцна и плус четири, 20:16.

По водството на Макаби во 50 минута од 22:19, следуваше одлична серија од 3:0 на Куманово, кој со погодоците на Величковска и Граматова, израмни на 22:22. Секој напад беше важен во последните осум минути и требаше добро да се одработи. Двете екипи постигнаа уште по два гола и на речиси три минути пред крајот резултатот беше 24:24. Во последната секунда, при нерешен резултат од 25:25, Дуња Тасиќ со гол од пенал му донесе триумф на Макаби од 26:25.

Најефикасна во составот на Куманово беше Габриела Величковска со 13 погодоци, додека втор стрелец беше Пена Граматова со четири реализации. Во екипата на Макаби се истакна Дуња Тасиќ со девет гола.