Веспрем се загреа за Вардар, Манасков со маестрално издание

Екипата на Веспрем го одигра својот натпревар од домашното првенство, последен пред дуелот со Вардар во Лигата на шампионите. На генералката шампионот на Унгарија славеше рутинска победа против Ѓенгеш со 34:27.

Веспрем не влезе максимално во дуелот што им дозволи на гостите успешно да се носат со фаворитот во првите 15 минути. До крајот на полувремето домашните направија солидна предност пред продолжението. По 30 минути игра Веспрем имаше 19:15.

Второто полувреме вице шампионот на Европа го започна посилно, направи серија од 4:0 со која се одалечи на 23:16. Со ова практично беше решен победникот на натпреварот, а до крајот Веспрем одигра мирно за сигурна победа.

Убедливо најефикасен на натпреварот беше Дејан Манасков со 11 погодоци кој имаше извонредна вечер и реализација. Тој ги помина сите 60 минути на теренот како единствено лево крило во составот на Давид Дејвис. Втор стрелец во Веспрем беше Мачковшек со пет гола, во екипата на Ѓeнгеш, Немет со пет гола беше најдобар поединец.

Следен противник на Веспрем е европскиот шампион Вардар во репризата на финалето од Лигата на шампионите. Дуелот се игра на теренот на Веспрем во сабота со почеток во 17:30 часот.