Охрид во вториот дел го скрши отпорот на жилавиот Бутел Скопје

Тимот на Охрид се врати на втората позиција на табелата во Супер машката лига, откако славеше против Бутел Скопје со 31-26.

Сега Охрид се израмни со 46 бодови со актуелниот првак Еурофарм Пелистер на втората позиција, а далеку зад нив се „сино-белите“ од Автокоманда со 40 бодови.

Тренерот Борис Ројевиќ се реши за комбиниран состав за овој дуел меѓу двете европски пресметки со словенечкиот Целје, па неговите момци во вториот дел го скршија отпорот на упорните гости кои беа без првиот стратег Горан Кузманоски.

По првото полувреме беше нерешено, 16-16, на стартот на вториот дел 18-18, а меѓу 40 и 50 минута домашните ја градеа предноста што им гарантираше мирен финиш.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Ќосевски со девет и Кукуловски со шест погодоци, се истакна и голманот Бојан Блажески против екс тимот со 14 интервенции, додека кај Бутел Скопје најдобар беше Михајловиќ со седум гола.