Пролет ќе игра во завршницата на Купот

Скопскиот суперлигаш Пролет е победник на четвртфиналната група 2 во Купот на Македонија. Во финалето вечерва во спортската сала „Македонско сонце“ (Пролет), беше поуспешен од Еурофарм Пелистер 2 30-26 (14-12).

Младите битолчани имаа одличен старт и поведоа со 2-0. Првиот гол скопјани го постигнаа во третата минута, но бргу ја вратија рамнотежата на теренот, го израмнија резултатот, а потоа и ја преземаа минималната предност. Периодот во кој техничките грешки и добрите одбрани го диктираа темпото на натпреварот, ги одведе двете екипи на пауза со два погодока предност за поискусниот Пролет (14-12).

Ништо не се промени ниту во второто полувреме. Разликата се одржуваше како и од крајот на првиот дел.Така беше до 38. минута, кога Мартин Димов успешно реализираше контра напад го одведе својот тим на „плус три“ и ја најави серијата на Пролет. Младите ракометари на Еурофарм Пелистер 2 грешеа во нападите или упатуваа неизградени шутеви кон голот на противникот, а на спротивната страна Пролет ги користеше шансите и го зголеми водството. Разликата на средина од вториот дел беше 20-15, „плус пет“ во корист на Пролет. Но скопјани не застанаа, повторно неколку одбрани при лесни шутеви кон голот на Петковски и разликата се зголеми на седум, 16-23. Предност која се покажа доволна за победа во финалниот дуел од група 2 во Купот на Македонија.

Пролет во воведот на 50. минута имаше и највисока разлика од осум голови, Еурофарм Пелистер 2 возврати и во наредните пет минути ја намали негативата на пристојни пет голови. Кога веќе се чекаше само конечниот резултат, во 53. минута Павле Петровиќ и Томислав Димковски заработија исклучувања поради меѓусебно недоразбирање, што значеше и црвен картон поради три исклучувања за босанскиот интернационалец кој дотогаш беше меѓу најефикасните во редовите на Еурофарм Пелистер 2.
Во финишот на дуелот младите битолчани повторно им дозволија на домаќините да ја зголемат разликата, но последните 90 секунди ги искористија да го поправат впечатокот и со три голови во низа да заминат од Скопје со пристоен пораз од 30-26. Со оваа победа Пролет се пласираше на Ф4 турнирот во македонскиот Куп.

Во победничкиот состав Димов постигна 7 голови, го следеше Пецаковски со 6, а Палевски и Додевски беа прецизни по 4 пати. Листата стрелци за Еурофарм Пелистер 2 ја предводеа Ивановски кој постигна 8, Белистојановски 7, а Петровиќ 5 голови.

Куп на Македонија, мажи, осминафинале:

Група 1
Вардар – Охрид 38-30
Јуниор КВ – Скопје 26-28
19/3, 17:00, финале, Вардар – Скопје

Група 2
Радовиш – Еурофарм Пелистер 2 17-32
Голден Арт – Пролет 25-26
Еурофарм Пелистер 2 – Пролет 26-30

Група 3
Бутел – Алкалоид 24-25
Вардар Неготино – Прилеп 29-28
19/3, 18:00, финале, Алкалоид – Вардар Неготино

Група 4
Струга – Тиквеш 23-28
Куманово – Еурофарм Пелистер 21-33
18/3, 20:00, финале, Тиквеш – Еурофарм Пелистер