Момчињата кои пораснаа заедно со Парондо, денеска ќе истрчаат против него

Дури седуммина репрезентативци кои се на списокот на Данило Брестовац во 2017 година, заедно со Роберто Гарсија Парондо, како дел од стручниот штаб на Илија Темелковски го постигнаа најголемиот успех во македонскиот репрезентативен ракомет, шестото место на СП 2017 во Алжир.

Домаќинот на СП, Египет, предводен од шпанскиот стратег Роберто Гарсија Парондо, денеска (18 часот) е вториот противник со кој нашата селекција ќе се соочи во групната фаза во Каиро.

Интересно е што Парондо кусо време беше дел од стручниот штаб во А националниот тим на Македонија (на ЕП 2018 во Хрватска како помошник на тогашниот селектор Раул Гонзалез), а исто така беше дел од тимот и на Илија Темелковски, кога тој ги предводеше младинците до најголемиот успех – 6. место на Светското првенство У21 во Алжир во 2017 година.

Парондо тогаш беше задолжен за анализа на противниците, со која овозможи одлична тактичка подготвеност и даде можност Темелковски да има одговор за секој ривал. Шпанецот имаше слична функција и на Медитеранските игри во Тарагона година дена подоцна, кога Македонија настапи со Б селекција, чија основа е тимот беше истата таа екипа.

Од тој состав, денеска дури седуммина репрезентативци се на списокот на Данило Брестовац – Мартин Велковски, Филип Талески, Мартин Томовски, Филип Кузмановски, Марио Танкоски, Никола Даниловски и Горан Крстевски. Момчињата кои пораснаа во А репрезентативци, а тоа го сторија пред очите на Парондо. А и Парондо како тренер растеше пред очите на македонските ракометари, со оглед на тоа дека тренерската кариера и ја започна во Македонија.

„Натпреварот со Шведска мора што побрзо да го заборавиме и да го оставиме зад нас. Фокусот е на следните два натпревари на кои имаме шанса да фо поправиме лошиот впечаток со кој го отворивме првенството. Ни останаа две шанси за пласман во групната фаза, од кои првата е против домаќинот Египет. Одлична екипа со физички силни играчи, кои играат агресивна одбрана и имаат силни бекови. Селектор им е Роберто Парондо, кој одлично го познаваме. Очекувам тежок натпревар во кој ќе мора дда се бориме 60 минути и да се покажеме во многу подобро издание од она пред два дена“, заклучува бекот Мартин Велковски.