„Експертите“ со трет триумф во низа, Германците скапо ги платија грешките во финишот

Селекцијата на Франција ја оствари третата победа на Олимписките игри, откако во интересен натпревар ја совлада Германија со 30-29. За Германците ова е втор пораз, но и понатаму остануваат во игра за место во четвртфиналето.

На стартот се им одеше од рака на Французите и се што шутнаа се чини дека влезе во германскиот гол. Избраниците на Жил во еден момент имаа и плус седум, 14-7, но Германците видоа дека ѓаволот ја однесе шегата, па заиграа посериозно.

Франција преку Мае стигна до 16-10 во 25. минута, но до крајот на полувремето немаа ниту една реализација. Затоа Германците се разиграа и со три гола во серија ја преполовија негативата, па на пауза се замина со 16-13.

Во вториот дел по 18-16 за Франција, Германија преку Пекелер стигна и до првото водство на мечот, 18-19. Два пати бундес тимот не искористи прилика за плус два, па беше казнет и Франција повторно се одлепи на плус 22-19.

Беше и 26-23, пред Вајнхолд на шест минути до крајот да израмни на 27-27 и да најави возбудувања во финишот. Мае реализираше за 29-28, а Германците пропуштија прилика во следниот напад.

Казната стигна со гол од пенал преку Деска за 30-28 на минута и пол до крајот. Друкс згреши во додавање, но и Французите не реализираа. Конечниот резултат го постави Вебер со голот во последните секунди за конечни 30-29.

Мем даде шест, а Деска пет гола за Франција, додека голманот Жерар имаше девет интервенции. Кај Германците се истакна Кастенинг со седум гола, додека голманите Вулф и Битер заедно собраа седум одбрани. Натпреварот одлично го судеше македонската двоjка Начевски-Николов.